Во првите неколку дена од ноември кога температурите се спуштија под петтиот степен и кога дел од територијата на Македонија беше или се уште е покриена со снег, се појави отровниот воздух.
Како по правило, Скопје веднаш си го зазема своето место, и тоа се најде помеѓу првите најзагадени градови во светот. Неколку соопштенија од еко здруженија, кратки изјави од власта дека многу се грижат за справување со аерозагадувањето и илјадници кометари на социјалните мрежи, дека полека и тивко не убива загадениот воздух.
Во принцип ништо по различно од лани, како и овој текст.
Промена нема, ниту во процентот на загаденост на воздухот, ниту во иронијата на политичарите, ниту пак во загриженоста на населението. А работите никако да се подобрат, до душа сами не можат, а тие што се обидуваат нешто да направат, подобро и да не почнуваат.
Секоја година истите приказни дека ќе се реши проблемот со загадувањето, не само во Скопје туку и во останатгите градови низ државата. Мал ли е алармот што вчера го соопштија невладините организации и научната фела дека најмладите, децата од градинките и училиштата дишат загаден воздух преку целата година.
Истражувањето покажува дека состојбата со затворениот воздух не е многу поразлична од таа на амбиентниот. Надминати се дозволените граници на концентрациите на цврстите честички, кои за ПМ 2,5 честичките се 25 микрограми на кубен метар, додека другите загадувачи се во прифатливи граници. Позитивно е што во затворените простории има повеќе можности за надминување на оваа состојба, како што се системите за вентилација, прочистувачи на воздух, подобра хигиена и слично. Особено е важно да се преземат овие мерки бидејќи здравата средина за децата е многу важна“, стои во истраживањето на УНДП и Министерството за животна средина.
Овие информации предизвикаа дополнителна потреба од партиски докажувања. Опозицијата сега ќе обвинува дека власта е виновна, а пак од Илинденска број два ќе се правдат дека тие си ја завршиле домашната задача.
„Во мандатот на СДСМ во Град Скопје се набавија нови 33 еколошки автобуси на гас, се направија 300.000 м2 со ново зеленило и се засадија над 20.000 нови дрвја и садници, во 13 средни средни училишта се поставија енергетски фасади и прочистувачи, заменети беа котлите за греење на државните згради и во училиштата, се субвенционираа инвертери, велосипеди, активните оџаци се намалија за 8.000, на 3.000 m3 подигнати стрништа, затворени беа сите диви депонии во градскиот урбан опфат.“ велат од СДСМ.
Експересно возвраќаат од ВМРО ДПМНЕ.
„ДУИ и СДСМ останаа на празни зборови, а ниту една вистинска зелена иницијатива не е преземена. Што се случуваше во времето на СДСМ и ДУИ? Мерните станици постојано беа расипани и не работеа правилно. Во последните седум години, СДСМ потрошија милионски буџети, а не вложија ништо за подобрување на квалитетот на воздухот. ДУИ, кои се претставуваат како зелена партија, немаат ниту почетна иницијатива за зелена агенда. Проблемот со загадувањето е огромен и потребна е долгорочна и сеопфатна стратегија за ефективни резултати“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
И сето ова во само првата недела од постудениот дел од оваа зимска сезона. Повторно ќе се бараат виновниците, дали тоа се домаќинствата, моторните возила или индустријата. Така ќе помине и оваа зима со многу магли, чад, смрдеа и за жал оштетени бели дробови на голем дел од граѓаните на земјава, а подобрување на состојбине нема да се случи со гаранција.
И.П