21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕсенската кошничка е при крај, а и ретко кој ја почувствува

Есенската кошничка е при крај, а и ретко кој ја почувствува

Во наредните десетина дена завршува владината мерка „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, која беше замислена да им помогне на граѓаните во услови на растечки трошоци за живот.

Оваа мерка, која се однесуваше на намалување на бруто-профитната маржа на 73 основни прехранбени производи, требаше да овозможи значителни заштеди. Но, според многумина, мерката не ги оправда очекувањата.

Граѓаните беа информирани дека со оваа иницијатива во нивните џебови на месечно ниво ќе останат од 690 до 1.360 денари благодарение на пониските цени на производите како оризот, брашното, тестенините, маслото за јадење, млекото, јогуртот, млечните производи, зеленчукот и овошјето.

Сепак, по прегледувањето на ефектите од мерката, многу од нив се прашуваат: од каде доаѓаат овие бројки?

Намалувања од незначителни 1 до 30 денари

Иако Владата ја промовираше оваа мерка како значителна поддршка за граѓаните, реалните заштеди се покажаa како незначителни.

Во просек, цените на производите беа намалени за симболични 1 до 30 денари. За многумина, ова не беше доволно за да се почувствува олеснување на семејниот буџет.

„Очекував дека ќе видиме поголеми намалувања, особено со оглед на тоа колку пораснаа цените последната година. Но, со овие намалувања, заштедив максимум 50 денари неделно“, вели една жителка на Скопје, која редовно купува од листата производи опфатени со мерката.

Повеќето граѓани со кои разговаравме споделуваат слични разочарувања. За нив, оваа мерка беше далеку од очекуваното.

„Мерката беше краткорочна и ограничена“

Економските аналитичари објаснуваат дека мерките од ваков тип може да имаат ефект, но само во многу прецизни услови.

„Ограничувањето на бруто-профитните маржи не е долгорочно решение. Ваквите мерки можат да донесат привремени заштеди за граѓаните, но проблемот со инфлацијата останува и цените на основните производи сè уште зависат од глобалните трендови и пазарната динамика“, велат експертите.

Тие дополнуваат дека ваквите интервенции на Владата, иако добронамерни, често се неефективни без пошироки структурни промени во економијата.

„Ограничувањето на маржите на малопродажба и големопродажба може да има одреден ефект, но ако не се дел од поширок економски план за намалување на инфлацијата и растот на трошоците за живот, ефектот е минимален“.

Граѓаните остануваат скептични

Иако мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ требаше да помогне во полнењето на „есенската кошница“, за многумина останува неисполнета надеж.

Граѓаните се прашуваат како е можно Владата да направи пресметка дека ќе заштедат до 1.360 денари месечно, кога реалните заштеди едвај стигнуваат до неколку стотини денари.

„Мислам дека тоа беше чист маркетинг. Кога видов колку навистина се намалени цените, бев разочаран. А најмногу ме загрижува што не знам што ќе се случи кога ќе заврши мерката и цените повторно ќе се вратат на старо“, додава уште еден сограѓанин, кој вели дека веќе е загрижен за понатамошниот раст на цените.

Иако за многумина оваа мерка не донесе вистинско олеснување, останува прашањето како Владата ќе се справи со постојаните економски предизвици и дали во иднина ќе видиме нови, поефективни мерки.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП