Водечкиот производител на паметни прстени „Oura Ring“ моментално работи на нов прстен наречен „Oura Ring 4“.
Се очекува овој уред да донесе подобрувања како бесконтактни плаќања, предвидување здравствени ризици и подобрени сензори.
Засега не е познато кога ќе пристигне, иако многумина очекуваат да дебитира оваа година.
Досега, „Oura“ објавуваше нови верзии на својот прстен на секои три години. Првиот беше објавен во 2015-та година, вториот во 2018-та година, а третиот во 2021-ва година. Поради овој циклус, некои ја очекуваат четвртата верзија оваа година.
Но, извршниот директор на компанијата Том Хејл во интервју за „Tech Radar“ предложи дека можеби нема да го видиме нивниот нов прстен оваа година. Тој истакна дека продажбата на „Oura Ring 3“ сѐ уште е одлична и дека со новиот модел сакаат да донесат ново корисничко искуство за сите. Затоа многумина очекуваат дека за нов прстен ќе почекаме до 2025-та година.
Нема премногу гласини за „Oura Ring 4“, но она што многу ентузијасти го очекуваат се бесконтактни плаќања, проактивно следење на здравјето и симптомите и подобрени здравствени сензори.
„Oura Ring 4“ може да донесе бесконтактни плаќања и виртуелни картички во стилот на „Apple Pay“, што многумина ги очекуваат како што „Oura“ го купи „Proxy“, кој прави технологија што ги заменува клучевите, картичките, апликациите и лозинките. Од ова може да се заклучи дека новиот прстен ќе може да се користи за контрола на пристапот до одредени уреди.
Иако „Oura Ring“ веќе го следи здравјето, новата верзија најверојатно ќе пристигне со подобри сензори, а тест функцијата за предвидување здравствени промени ќе излезе од фазата на тестирање и ќе стане стандардна функција на прстенот.
„Oura Ring“ моментално е достапен во две варијанти – „Heritage“, по цена од 329 евра и „Horizon“, по цена од 399 евра. Првиот месец од претплатата на услугата е бесплатна, додека подоцна чини 5,99 евра месечно.