19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПопоски: Македонија може да им понуди многу на руските бизнисмени

Попоски: Македонија може да им понуди многу на руските бизнисмени

20130130-195032.jpg

Македонија може да му понуди многу на рускиот бизнис, изјави денеска во Трговско-индустриската комора на Русија македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

Попоски ги презентираше можностите за водење бизнис во Република Македонија пред претствниците од повеќе руски компании заинтересирана за инвестиции и соработка. Тој при тоа истакна дека Македонија е политички и економски стабилна држава и оти нејзината Влада гарантира заштита на странските инвестиции. Додаде и дека Македонија има најевтина потрошувачка кошница во цела Европа.

Попоски ги потенцира поволните услови за инвестирање во енергетиката, како и можностите за зголемување на соработката во областа на земјоделството. Ги претстави и македонските туристички потенцијали и искажа надеж дека во иднина многу повеќе руски гости ќе ја посетуваат Македонија.

Како што соопшти МНР, презентацијата е проследена со голе интерес од руските бизнисмени. Попоски денеска во Москва имаше и неколку одделни средби со претставници на руската бизнис заедница кои се заинтересирани за деловна соработка со Република Македонија.

Потпретседателот на Трговско-индустриската комора Георгиј Петров, пак, констатира дека Македонија и Русија водaт редовен политички дијалог и посочи оти во изминатиот едногодишен период во Москва престојувале македонскиот премиер, вицепремиерот и министерот за земјоделство. Сепак, подвлече дека обемот на трговска размена меѓу двете земји не ги одразува можностите.

Според него, во првите девет месеци од минатата година стоковната размена е намалена за 40 проценти и ги повика руските и македонските бизнисмени да ја унапредат соработката не само во областа на енергетиката, туку и во други области.

– Убеден сум дека производителите од Македонија ќе најдат свои купувачи во Русија, рече Петров.

Попоски, кој престојува во официјална посета на Русија, на денешната средба потсети оти вчера е потпишан Договор за отворање културни центри на двете земји во Скопје и во Москва.

Во рамки на посетата на Москва, министерот Попоски го посети седиштето на Духовната академија, една од најстарите и најпрестижни академии во Русија. Тој имаше средба со ректорот на академијата, архиепископот Евгениј, при што меѓу другото беше разговарано околу можноста за вклучување на Академијата во чествувањето на годишнината на Св. Климент Охридски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП