Компјутерската единица на „Amazon“, „AWS“, е во преговори со Италија за да инвестира милијарди евра во проширување на бизнисот со центри за податоци во земјата, како дел од нејзините напори да ги зајакне своите понуди за облак услуги во Европа, изјавија за „Reuters“ четворица запознаени со ова прашање.
Според изворите, разговорите меѓу двете страни за големината и локацијата на инвестицијата се во тек, при што една од нив тврди дека веб сервисот на „Amazon“ (AWS) размислува да ја прошири својата сегашна локација во Милано или да изгради нова.
И „AWS“ и портпаролот на одделот за дигитална транзиција на италијанската влада допрва треба официјално да коментираат.
„AWS“ го лансираше својот прв облак регион во Италија во 2020-та година како дел од инвестицискиот план од 2,2 милијарди долари до 2029-та година. Клиентите на технолошкиот гигант во земјата ги вклучуваат производителот на луксузни автомобили „Ferrari“ и осигурителот „Assicurazioni Generali“.
„AWS“ неодамна претстави инвестиција од 15,7 милијарди евра во центри за податоци во североисточниот шпански регион Арагон, што го заменува претходниот 10-годишен план објавен во 2021-ва година, кога компанијата и посвети на земјата 2,5 милијарди евра. Според еден од изворите, инвестицијата на „AWS“ во Италија ќе биде во милијарди, но можеби нема да го достигне обемот на нејзините планови за Шпанија.
Во Германија, „AWS“ планира да инвестира 7,8 милијарди евра до 2040-та година.
Давателот, исто така, гради инфраструктура за да испорача облак услуги на телекомуникациски клиенти со интензивни ресурси. Својот прв клиент го доби претходно овој месец кога „Telefonica Deutschland“ ги објави плановите за префрлање на 1 милион клиенти на облакот „AWS“. Минатата година, „AWS“, исто така, објави планови за складирање податоци на сервери лоцирани во Европската унија за да се заштити приватноста на податоците за владите и клиентите во високо регулираните индустрии.
Аналитичарите и директорите велат дека многу клиенти на големи претпријатија почнале повторно да трошат на облак компјутери по паузата во минатата година, бидејќи интересот за вештачката интелигенција поттикнува продолжување на растот на пазарот на облак инфраструктура од 270 милијарди долари.