25 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзгласан законот за забрана на нефер трговски практики - дали ќе се...

Изгласан законот за забрана на нефер трговски практики – дали ќе се намалат цените на храната

Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната седница го изгласа законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Со законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.

Првпат во државата се носи вакво законско решение, во кое има наведено 26 нефер трговски практики, кои ќе се уредуваат, извести Министерството за економија.

Со овој предлог-закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционален трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг; или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг.

Надоместоците што сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и доставувач, а кои сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика.

Клучно во овој дел е поголемо приближување и изедначување на националната легислатива со онаа на земјите членки на Европската Унија. Република Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан што ја транспонира оваа директива на ЕУ со цел да воспостават фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери.

Со донесување на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и доставувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во разни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Дополнително, законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата, која добива дополнителна надлежност. Комисијата има задача во првите шест месеци од стапувањето во сила на законот да ги усогласи сите свои акти со одредбите на овој предлог и да обезбеди ресурси на технички и технолошки квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите што се наведени во предлог-законот.

Во законот исто така е наведено процентуално колку може да биде максималниот рабат што маркетите може да го бараат од производителите и доставувачите, кои сега надминуваат над 30-40 % од цената.

Со ова решение е предвидена листа на земјоделски и прехранбени производи, каде што рабатот ќе биде ограничен на 10 % и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе синџирите супермаркети, што ќе влијае во намалување на цените.

Комисијата за заштита на конкуренцијата првпат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земјите членки на Европската Унија во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување, кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување нефер трговски практики, кои имаат прекугранична димензија.

За непочитување на законските одредби, засега во предлог-решението се предвидени глоби до 20.000 евра, се наведува во соопштението на Министерството за економија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП