4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМонетарната политика засега со затегнат ремен!

Монетарната политика засега со затегнат ремен!

Најголемиот дел од релевантните меѓународни финансиски институции со пофални зборови за работата на Народната банка посебно во делот на справување со инфлацијата. Затегнатата монетарна политика засега дава резултати во намалувањето на трошоците за живот на граѓаните. Но граѓаните за годинава очекуваат позабележително намалување на каматните стапки. Бизнисот пак годинава според очекувањата ќе биде порезервиран кога станува збор за инвестиции, бидејќи земјава се наоѓа пред двојни избори на пролет. Од Централната банка велат дека добар дел од мерките на банкарскиот сектор се и за задржување на стабилниста на девизниот курс.

А на крајот на минатиот месец заврши мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, по што монетарците дадоа висока оценка за водењето на монетарната политика, девизниот курс, девизниот и надворешниот сектор. Тоа што е посебно значајно за Централната банка, а со тоа и за граѓаните на Македонија е високата оценка за мерките кои придонесоа за намалување на инфлацијата. Сепак, ризиците се уште се присутни, и препораката од ММФ е Народната банка да биде подготвена и доколку е потребно да реагира преку затегнување на монетраната политика.

„Инфлацијата постепено се намалува и се очекува таа да продолжи во истата насока, стремејќи се да се врати на ниските стапки од претходно. Сепак, ризиците и натаму се присутни. Во овој контекст, централната банка треба да биде подготвена, доколку се остварат ризиците, да реагира преку затегнување на монетарна политика, се наведува во извештајот на ММФ.

Според последниот усвоен квартален извештај кој е за третото тромесечие лани од страна на Народната банка наведуваат дека Централната банка нема направено дополнителна промена во поставеноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата. Информациите велат дека тековното ниво на основната каматна стапка, заедно со промените кај задолжителната резерва, како и со преземените макропрудентни мерки, овозможуваат забавување на инфлацијата, во согласност со очекувањата и задржување на стабилноста на девизниот курс. Постојат се уште ризици во делот на водење на монетраната политика, затоа е потребна претпазливост во делот на побарувачката на свежи пари од комерцијалните банки.

„Во последното тримесечје од 2023 година, годишната стапка на инфлација дополнително забави, сведувајќи се на 3,4%. За целата 2023 година, просечната годишна стапка на инфлација изнесува 9,4% и е во согласност со проекцијата (9,5%). Според октомвриските оцени, за 2024 година се очекува дека просечната инфлација ќе се сведе на нивото од 3,5% до 4% и потоа ќе се стабилизира околу 2% на среден рок. Ризици околу инфлацијата сè уште постојат и се поврзани главно со цените на примарните производи на светските берзи, поради геополитичките тензии и климатските промени, како и со промените на регулираните цени и побарувачката“, велат од Народната банка.
 
Инфлацијата се намалува, но што тоа дали каматните стапки би влијаеле и на растот на Бруто домашниот производ? Одговор на ова прашање Денар побара од познавачите на оваа проблематика Имено, универзитетскиот професор Синиша Наумоски е скептичен дека растот на економијата годинава може да биде според проекциите на владата, а тоа е 3,4 отсто.

„Европската банка неодамна излезе со информации за проекциите на земјите членки на европската унија. Како што беа очеклувањата на експертите така и оваа меѓународна финансиска иституција потенцираше дека нема иницијатива за намалување на каматните стапки. Тоа значи дека рестрективна монетарна политика од земјите од еврозоната и борба со инфлацијата која се уште не е на она очекувано ниво согласно првичните проекции. И сега полека се доаѓа и до Македонија. Кредитниот раст на на Европската Централна Банка е предвиден некаде на нула, а има и со минусни стапки, а тоа значи дека доколку тој кредитен раст е со такви очекувања ќе значи и помал раст на Бруто домашниот производ. Македонскиот кредитен раст е пооптимистичен за оваа година, јас сум малку пореалистичен и велам дека нема да биде околу седум или осум отсто, во овие следни неколку години а и не треба да биде. А тоа ќе притисне на раст на БДП, што значи ако вие буџетот го проектирате за БДП од 3,4 отсто раст, а во пресметување на кредитниот ризик имате валоризација од 3,5 отсто, и сега ако извршиме корекција, тоа дополнително ќе влијае врз економскиот раст. Мојот страв е дека економскиот раст ќе биде два отсто. Светска банка вели 2,5. Тоа е мое очекување од оваа гледна точка“, вели Проф. д-р Синиша Наумоски, претставник на УО на Хајделберг Институт во Скопје.

Од Народната банка сепак велат дека расположливите податоци за економската активност покажуваат рани знаци на забрзување на годишниот раст. Засега во согласност се октомвриските оцени за умерен раст на БДП во 2023 година од 1,9%, а понатаму зголемување на 3% во 2024 година и 4% во 2025 − 2026 година. Зголемените геополитички тензии поради војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Газа и нивното евентуално проширување се клучните ризици на краток рок, коишто би можеле да предизвикаат нарушување на енергетските пазари и на глобалните трговски текови.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП