3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе подготвува листата на прехранбени производи кои ќе имаат маржа до 10%

Се подготвува листата на прехранбени производи кои ќе имаат маржа до 10%

Министерството за економија, Стопанските комори и Организацијата за потрошувачи на Македонија започнаа подготовка на листата на производи кои нема да имаат маржа повисока од 10 отсто, согласно новиот закон кој треба да стапи на сила во следниот период, а тоа е Законот за нефер трговски практики.

Во меѓувреме, гарантирани цени на неколку стотина производи ќе има на рафтовите во маркетите најмалку до крајот на јануари идната година. До тогаш, според планот на владата треба да стапи на сила и новиот Закон за нефер трговски практики. На терен, граѓаните се уште мака мачат како да ја подобрат куповната моќ.

Според информациите до кои дојде Денар, веќе започнале преговорите помеѓу властите, бизнисот и Организацијата на потрошувачи каде се договара кои се прехранбени и земјоделски производи нема да имаат маржа повисока од 10 отсто. Ова е едно од главните точки кои ги содржи законското решение кое е во завршна фаза и според надлежните треба да стави ред во трговијата со прехранбени производи во државата. Според нашите информации, кога законот ќе ги помине сите административни филтри и ќе биде усвоен во собранието ќе се изработи и правилник во кој јасно ќе бидат наведени производите. Она што може да се потврди е дека тоа ќе бидат дел од основните прехранбени производи.

Според образложението на законот кој веќе помина на владина седница со ова решение се прават заложби за создавање на легислатива која ќе донесе правна предвидливост како битен предуслов за заштита од нефер трговски практики. Акцентот е ставен во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи и намалување на таквите преактики се со цел да нема негативно влијание врз животниот стандард на граѓаните.

„Со овој Предлог на Закон се очекува да се елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг; или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика. Клучно во овој дел е поголемо приближување и воедначување на националната легислатива, со легислативата на земјите членки на Европската унија. Република Северна Македонија е единствената земја од Западен Балкан кој ја транспонира оваа Директива на ЕУ, со цел да воспостави фер и рамноправни односи во однос на доминацијата на преговарачка моќ во трговијата помеѓу двајца или повеќе деловни партнери. Со донесување на Предлог на законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи“, се наведува во образложението на Предлог законот.

Дополнително, законското решение обезбедува поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност. Комисијата има за задача во првите шест месеци од стапувањето на сила на законот да ги усогласи сите нејзини акти со одредбите на овој предлог и да обезбеди ресурси на технички и технолошки квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите кои се наведени во предлог законот.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата за прв пат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на Европската унија во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување нефер трговски практики кои имаат прекугранична димензија“, стои во образложението.

Во меѓувреме министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека мерката за гарантирани цени во маркетите ќе биде на сила се додека не се донесе ова законско решение. Тоа е така се со цел граѓаните да бидат сигурни дека нема да ги очекува нов ценовен шок. А на терен, граѓаните и натаму се жалат дека нивните месечни примања едвај се доволни за подмирување на основните животни потреби. Дел од прехранбените производи кои до пред две години редовно ги купувале, одамна веќе им станале луксуз.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП