Последната изјава на министерот за здравство поврзана со мерките кои планира да ги спроведе против пушењето цигари е оценета како значаен чекор кон заштитата на јавното здравје во земјава. Ова е првичната реакција на невладината Аналитика тинк тенк која само пред две недели излезе со истражување кое потврди многу негативни податоци во однос на конзумацијата на цигари, особено кај младата популација. Од друга страна, на социјалните мрежи оваа тема ги подели граѓаните, едните со „аплауз“ ја поздравија иницијативата на надлежниот министер за здравство, но има и дел кои негодуваат и не сакаат да им биде намалена комфор зоната кога станува збор пушењето на цигари.
Од Аналитика потсетуваат дека во анализата која ја спроведоа неодамна наодите покажуваат дека високи 48,40% од македонските граѓани се најголеми конзуматори на тутунот во споредба со жителите од Југоисточна Европа каде просекот на пушење е 22,30%. Споредбено се земјите од Европа, Македонија сеуште ги има најниските цени по кутија цигари што воедно ги прави и најдостапни за популацијата независно од возраста. Од здравствен аспект студиите покажуваат дека зголемување на акцизата носи здравствени придобивки, намалување на бројот на пушачи од 3000 до 48000 пушачи и сериозно намалување на бројот на смртни случаи поврзани со пушењето. Податоците се до толку алармантни што покажуваат дека Македонија е едена од 10те држави во светот по испушени цигари по пушач, а статистиките велат дека младите пушачи до 15 години изнесуваат речиси 15 отсто од вкупното население во државата. Во Македонија најчесто пушач се станува на 14 години.
„Неопходно е државата да најде инструмент кој дестимулативно ќе влијае врз пушењето. Неколку од нив се зголемување на акцизите и на цената на цигарите, затоа што ќе послужат како ефикасна мерка во борба против пушењето, намалување на достапноста која може да придонесе за намалување на преваленцата на пушење, зајакнување на имплементацијата на политиките за контрола на тутунот кои го забрануваат пушењето, на јавни места, и кои ќе го ограничат пристапот до тутунски производи за малолетните ученици, но и медиумски кампањи за едукација на родителите за штетните ефекти од пушењето и важноста да се биде здрав пример за своите деца, едукативни и здравствени предавања во наставните програми во училиштата за едукација на младите за негативните ефекти од пушењето, и масовни медиумски кампањи на владата кои ја нагласуваат важноста за живеење здрав живот и живот без чад за целото општество“, се наведува во реакцијата на Аналитика.
По изјавата на министерот за здравство Меџити дека ригорозни мерки ќе спроведе против пушењето на цигарите во 2024 година, два дена врие на социјалните мрежи. Секако, оние кои се први на удар, пушачите со серија критики обвинуваат дека им се скратуваат многу права и дека тоа е нивна одлука што да прават со сопствените пари и сопственото здравје, но и добар дел го охрабруваат министерот дека мора да се стави ред и законот кој е на сила повтгорно да се спроведува.
„Нека му ја мислат пушачите како понатаму. Ние во јануари со регионалниот директор за Европа при СЗО, Ханс Клуге ќе потпишеме меморандум за соработка против пушењето и со нив овие мерки ќе бидат ригорозни“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.
Интересни се овие најави на властите особено пред новогодишните забави по локалите каде буквално секаде се пушат цигари. Што дополнително ќе направи министерот за да ги доведе работите во ред засега не открива, но треба некој од неговите советници да му посочи дека во Македонија на сила е закон кој не доаволува пушење на цигари во угостителски објекти, односно можноста за пушење се дава само доколку локалот има тераса или бавча или е одделен простор со добра вентилација. Законското решение постои околу 15 години, но по се изгледа дека тоа овој период од годината кога журките се во преден план не важи. А за пушењето на цигари во просториите на јавните установи и административни институции, е тоа за министерот засега е невидливо.
Дополнително, Меџити најави и мерки против пушењето на електронските цигари.
И.П