3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто е во корист на Македонија, приватен или државен Чебрен?!

Што е во корист на Македонија, приватен или државен Чебрен?!

Енергетичарите предупредуваат дека Македонија ќе биде во огромна загуба на долг рок доколку се даде на приватен инвеститор изградбата на хидроелектраната Чебрен. Македонските власти пак не ја менуваат одлуката и не сакаат да ја послушаат експертскатра јавност, Владата смета дека доколку имало финансиска оправданост тој енергетски проект да се гради со државни средства тоа одамна ќе било направено. Во меѓувреме грчката компанија која го добила бизнисот од државата поднесе жалба со која според информациите условите кои биле на тендерот не се исти и во договорот кој требаше да биде потпишан на 15ти овој месец.

За енергетичарите е нејасно како може да се дава и постоечката хирдолекетрана Тиквеш. Поголем проблем според познавачите е тоа што Македонија од Тиквеш добива евтина електрична енергија, тоа ќе го загубиме како држава, а потоа приватниот инвеститор таа струја ќе ни ја продава на нас по берзански цени, додаваат енергетичарите. Според нив во прашање се милијарди евра штета. 

„Ако проектот е добар зошто тогаш не си го направиме ние како држава, ако е лош зошто тогаш грчкиот партнер е толку заинтересиран да го направи. Историјата говори дека проектот може да се направи да биде државен. До пред четири години проектот чинеше 220 милиони евра, а сега чини една милијарда евра. Како може да се дава готова електрана на некому, а таа произведува евтина енергија за државата. Тиквеш е многу битна електрана бидејќи е во центарот на државата и е добра за балансирање на систгемот“, смета универзитетскиот професот Атанаско Тунески.

Да остане Чебрен во државна сопственост е ставот и на еден од најискусните енергетичари во државата, професорот Константин Димитров. Според него на изградбата искуство ќе добијат македонски компании, нов кадар ќе се обучи на тој проект, струката која ќе се произведува ќе биде наша, домашна а не купена по берзански цени. 

„Според Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година изработена од МАНУ, вредноста на постројката „Чебрен“ е проценета на 552,8 милиони евра за капацитет од 458 MW. При намален капацитет од 330 MW, вредноста би требало да биде 398,3 милиони или трипати пониска од процената во прифатената концесија!? И да се земе предвид инфлацијата, разликата е неприфатлива. Не е почитувана оптимизацијата на целиот хидросистем во интегралниот проект „Вардарска Долина“, изработен од конзорциум составен од домашни експерти и францускиот конзорциум составен од CNR-RONA, EDF и HYDROLAC. При инвестирање во капитален објект со ваков размер наместо „оптимизација на системот на Црна Река за производство на електрична енергија (една постојна ХЕЦ ’Тиквеш‘ и три новопроектирани ХЕЦ ’Чебрен‘, ХЕЦ ’Галиште‘ и ХЕЦ ’Скочивир‘), прифатено е парцијално решение изработено од грчката фирма ’EXERGIJA‘, стар неважечки проект од 1986-1990 година за ХЕЦ ’Чебрен‘ H=192 м со накалемени пумпно-акумулациски агрегати“, вели Димитров.

Со тоа што рокок за потпишување на договорот за хидроелектраната Чебрен е истечен од Здружението на инженери посочуваат дека тој сега не смее да се потпишува, односно е неважечки.

„Оваа одлука е влезена на сила на 15 септември 2023 година, а согласно точката 5 од истата, најповолниот понудувач ППЦ-Архиродон беше должен во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на оваа одлука (15 декември 2023 година), да склучи договор за заедничко вложување и да основа Друштво за посебна намена со Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје. Со оглед дека рокот предвиден со оваа Одлука е истечен, сметаме дека било каков Договор веќе не може да се потпишува“, велат од Здружението на инженери.

Информациите поврзани со тендерот се дека грчката компанија се уште чека одговор од жалбите кои ги поднесе за тендерот кој го доби за изградба на Чебрен. Во меѓувреме премиерот Ковачевски не знае за што конкретно се жалат грчките бизнисмени, а според информацците во јавноста тоа е поради договорот кој требало да се потпише а кој не бил ист со оној на тендерот. Ковачевски вели дека не гледа никаков проблем и склучувањето партнерство со странскиот инвеститор ќе донесе проидобивка за државата, а не загуби како што тврдат експертите, додава тој.

„Овој проект е стар 40 години колку што се сеќавам имаше и 13 неуспешни тендери коишто дури даваа и подобри услови за оној кој би ја добил можноста за градење на ревизибилната хидроцентрала, меѓутоа од различни причини не успеале претходно. Така што, доколку постоеле можности самата држава да го изгради овој проект вреден над една милијарда евра, тогаш во изминатите 40 години сигурно тоа би било направено. Имаше една иницијатива во минатото за изградба на гасна централа во Александрополи каде што експертите велеа дека Македонија не треба да инвестира во странство. Сега, експертите велат не треба странците да инвестираат во Македонија, така што се работи за прилично тавтолошки пристапи“, изјави Ковачевски.

Овој тендер за Чебрен е објавен во 2020 година, неколку пати постапката беше одложувана поради нефункционалноста на институциите, а тоа беше поради пандемијата со Корона вирусот. Интерес имаше од десет светски компании, кои влегоа во  втор круг со сета потребна документгација, но следуваше енергетската криза која и тоа како влијаеше на целокупната тендерска процедура. И на крајот понуди на тендерот пристигнаа само од две компании. И тендерот го доби најголемата грчка фирма за производство на струја. Досега проектот за Чебрен и Галиште имаше 13 неуспешни обиди преку текдери да се реализира изградба на хидроелектрани.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП