4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБританија го заострува визниот режим за легалните мигранти

Британија го заострува визниот режим за легалните мигранти

Велика Британија најави дека планира да го намали бројот на мигранти кои пристигнуваат легално со зголемување на минималната плата што мора да ја заработат во квалификувана работа за една третина. Одлуката доаѓа во време на притисок врз премиерот Риши Сунак да се справи со рекордните нивоа на нето миграција, пренесува „Reuters“.

Високите нивоа на легална миграција доминираа во политичкиот пејзаж на Велика Британија повеќе од една деценија и беа клучен фактор во гласањето на земјата за напуштање на Европската унија во 2016-та година. Откако претходно стана јасно дека на прелиминарните анкети за претстојните избори опозициската Лабуристичка партија води со значително водство, Сунак се обврза да работи токму во насока на ограничување на миграцијата.

Но, и бизнисот и синдикатите се противат на мерките, нарекувајќи ги контрапродуктивни и предизвикувачки за приватниот сектор и јавното здравство, кои страдаат од недостиг на работна сила.

Бројките од минатиот месец покажаа дека годишната нето миграција во Британија достигна рекордни 745.000 луѓе во 2022 година и оттогаш остана на високо ниво, при што многу мигранти сега доаѓаат од места како Индија, Нигерија и Кина наместо од ЕУ.

Министерот за внатрешни работи на Обединетото Кралство Џејмс Клеверли рече дека новите мерки може да го намалат тој број за 300.000.

„Имиграцијата е превисока. Денеска преземаме радикални активности за да ја намалиме“, истакнува и Сунак.

За таа цел, владата ќе го зголеми прагот на минималната плата за странските квалификувани работници на 38.700 фунти, од сегашното ниво од 26.200 фунти, а здравствените и социјалните работници ќе бидат ослободени од новиот услов.

Другите мерки вклучуваат забрана за странски здравствени работници да ги носат со себе членовите на семејството со виза, зголемување од 66 отсто на надоместокот што мигрантите треба да го платат за пристап до здравствените услуги и зголемување на минималниот приход за семејните визи.

Смалување на пазарот на трудот

Мерките би можеле да предизвикаат нови спорови со сопствениците на бизниси кои се мачеа да вработат работници во последниве години со оглед на трајно намалениот пазар на труд во Британија и крајот на слободното движење од ЕУ откако земјата ќе го напушти блокот во 2020-та година.

Во октомври независниот советник на владата за миграција препорача укинување на т.н список на дефицитни занимања – еден од главните начини на кои претпријатијата ангажираат работници мигранти во сектори каде што има сериозен недостиг на персонал.

Клеверли сега вели дека владата ќе стави крај на сегашниот систем, кој им овозможува на работодавците да им плаќаат на мигрантите само 80% од нормалната плата за работни места каде што има недостиг од работници, и дека списокот на професии со недостиг ќе биде ревидиран:

„Ќе ја запреме имиграцијата што ги намалува платите на британските работници. Ќе создадеме нова листа со намален број занимања“.

Сепак, некои студии покажуваат дека странските работници имаат мало или никакво влијание врз севкупните плати или нивоата на вработеност, а акутниот недостиг на кандидати за пополнување на слободните работни места во Велика Британија останува проблем за многу компании.

„Овие промени дополнително ќе го намалат фондот на таленти од кои ќе регрутира целата економија и само ќе го влошат недостигот со кој се соочуваат угостителските бизниси“, рече Кејт Николс, извршен директор на индустриското тело „UKHospitality“.

„Ние итно треба да видиме систем за имиграција кој е погоден за целта и ги одразува потребите на бизнисот и пазарот на трудот. Системот во моментов не прави ништо од тоа“, додава таа.

Минатиот месец, Банката на Англија рече дека на бизнисите им е малку полесно да вработуваат, но некои сектори продолжија да доживуваат постојан недостиг на квалификувани работници.

Синдикатите исто така изразија загриженост за планот на Клеверли. Кристина МекАнеа, генерален секретар на „UNISON“, главниот синдикат на здравствениот сектор, истакна дека тоа е „тотална катастрофа“ за здравствените услуги.

„Сега мигрантите ќе се упатат во подобредојдени земји наместо да бидат принудени да живеат без своите семејства“, смета таа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП