27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали владата најде простор за предизборно додворување преку антикризните мерки?!

Дали владата најде простор за предизборно додворување преку антикризните мерки?!

Како ќе биде распределена државната помош од новиот пакет мерки, анализира Институтот за економски анализи и политики Фајнанс Тинк. Мерки за заштита на животниот стандард и подобрување на ликвидноста на компаниите земјава ќе ја чини 662 милиони евра. Експертите потренцираат дека овој пакет на мерки е оправдан во делот на поддршка на ранливите категории на граѓани, но постојат и ризици од инфлаторни шокови. Биснисот пак вели дека нови кредити кои им се понудени од Владата не им требаат, а ја поздравуваат мерката за раст на платите во приватниот сектор. Власта уверува дека опфатени се сите на кои им е потребна помош. Опозицијата обвинува за предизборно додворување.

Со овие антикризни мерки ќе се одвојат 35 милиони евра за субвенционирање на електричната енергија за домаќинствата, лани за таа намена државата потроши 222,7 милиони евра. Толка сума или 35 милиони евра ќе чини и помошта за пензионерите со најниски пензии. Десет милиони евра ќе бидат искористени за подобрување на енергетската ефикасност на општините. Седум и пол милиони евра се резервирани за субвенционирање на топлинската енергија, речиси три милиони евра има за најранливите категории на граѓани, шест милиони евра за социјална помош. Преку проектот Мој ДДВ ќе бидат поделени над 40 милиони евра кај граѓаните кои ги скенираат фискалните сметки. Еден милион евра е предвиден за намалување на енергетската сиромаштија. Останатите пари од пакетот се за помош на стопанството, односно во пресметските на Институтот стои дека на располагање на бизниост ќе им бидат кредити од над 400 милиони евра, а ќе има и пари за поддршка на раст на платите, односно субвенционирање на придонесите за здравствено и пензиско осигурување.

Анализата покажува дека од вкупно 26 мерки, 13 се надоврзуваат на мерките објавени во 2022 година, од кои шест се картактеризираат како антикризни мерки, а останатите седум како мерки кои придонесуваат за ублажување на ефектите од кризата. Потоа, шест се нови мерки кои пружаат времена поддршка на доходот на ранливи категории граѓани и, оттука имаат карактер на нови антикризни мерки додека, преостанатите четири се нови мерки кои не се директно поврзани со кризата.

„Finance Think смета дека овој пакет антикризни мерки е со зајакната компонента на таргетираност кон граѓани, домаќинства и компании кои се ранливи или имаат оправдана потреба од тековна и структурна поддршка. Сепак, одредени мерки по својот обем, како и одредени мерки кои не се директно поврзани со кризата но помогаат во поглед на нејзините последици, се донесени во време кога земјата влегува во изборен циклус и во време кога инфлациските очекувања остануваат подигнати. Во таа смисла, проценуваме дека таквите мерки носат значајни ризици“, велат од Фајнанс Тинк.

Дополнително, за платите во јавниот сектор се предвидени средства за зголемување од 10% согласно Општиот колективен договор. За за регрес за годишен одмор има 52 милиони денари, како и за зголемување на платите во 2024 година од 150 милиони евра.

Од Фајнанс Тинк велат дека иако овие мерки се важни за поддршка на животниот стандард на примателите, нивното невнимателно ставање во функција е спротивно на процесот на стабилизација на инфлациските очекувања и може да влијае инфлаторно, а тоа е можно да предизвика нови инфлаторни шокови. Долнително, овие мерки се промовираат во време кога земјата влегува во изборен циклус.

Од Бизнис конфедерацијата на Македонија пак велат дека компаниите не се многу заинтересирани за нови кредити, се уште пред нив е предизвикот за стабилозација од неколку годишната криза. На бизнисот велат дека во моментов му е најпотребно да влезе во една стабилна зона, и сметаат дека мерките кои се предложени ќе бидат фактор на креирање на социоекономска оддржливост на компаниите.

„Најважно за компаниите е да имаме стабилна економија, да имаме полесен пристап до финансии, но се разбира и да имаме поволна бизнис клима. Доколку останеме се уште инфраструктурно изолирани, ако и натаму сме увозно зависни, ако и натаму имаме недостаок на работна сила, во тој случај лесното задолжување не ни е од корист. Имаме уште една индиректна порака, а тоа е дека ќе треба да креираме заедничка слободна пазарна економија. Тоа значи дека не ни е потребно некој да ни се меша, во краеирањето на цените, во креирањето на изборот на добавувачи, во изборот на работна сила, туку тоа да го прави бизнисот.“

Од владата пак велат дека освен помош за граѓаните, соодветна поддршка добива и бизнисот.

„Целта е да се задржи стандардот, но и да се поддржи и стопанството преку потрошувачката. Поголем ефект од мерките ќе има кај стопанството кои ќе се поддржат со кредити од Развојната банка и комерцијалните банки од околу 400 милиони евра во инвестиции и мултипликаторниот ефект. Средствата ќе бидат со поволни услови, со пониски камати коишто ќе се субвенционираат преку Буџетот со цел компаниите да платат пониски камати отколку оние на пазарот. Ќе се даде поддршка на ликвидноста и поттикнување на конкурентноста на фирмите, како и за инвестиции во обновливи извори на енергија во приватниот сектор. Предвидени се заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Во соработка со ЕИБ е предвидена поволна седма кредитна линија за зелена транзиција вредна 100 милиони евра за инвестиции, а во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра за поддршка на женското претприемништво, дигитализација и проекти што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина. Планирани се и 50 милиони евра во соработка со Банката за развој на Советот на Европа за поволни заеми за мали и средни претпријатија, создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво за зелени инвестиции. Преку инструментот на ЕБОР за зелено финансирање ќе се поддржат малите и средните претпријатија, но и поединци и домаќинства за инвестиции во обновливи извори и енергетска ефикасност.“ велат од владата.

Опозицијата веднаш овој пакет на мерки го оцени како предизборен поткуп.

„78 проценти покачување на функционерските плати се многу повеќе од 100 денари што Владата на СДС и Ковачевски ќе им ги даваат на пензионерите и студентите само неколку месеци. Станува збор за реален изборен поткуп со кој се потценуваат нашите сограѓани. Трошки за народот, за функционерите од Владата зголемени плати“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Според експертите од Фајнанс Тинк, најновиот антикризен пакет е сличен со претходниот кој беше објавен лани, а тој изнесуваше 760 милиони евра. Сепак, јачината на кризата и фазата во која беше економијата во 2022 споредено со денес се драстично различни. Во текот на 2022 година, енергетската криза го имаше својот врв, како резултат на рекордните цени на примарните производи од храна и енергија. Додека, денес, цената на енергентите и производите од храна на глобалните пазари е стабилизирана или намалена, а домашната понуда на електрична енергија се зголеми. Оттука, ако минатата година имавме акутна состојба и постоеше реално оправдување за обемен пакет антикризни мерки, оваа година се наоѓаме во излезна фаза од кризата. Од Институтот дедаваат дека вкупниот планиран буџет е несоодветен на моменталната потреба. Истовремено, иако пакетот е наречен антикризен, мерките опфаќаат и цели кои не се директно поврзани со кризата, што може да предизвика погрешна перцепција, особено имајќи предвид дека државата влегува во предизборен период. Во тој поглед, клучната препорака е наместо постојан кризен фокус, во оваа фаза тој да се префрли на градење отпорност и одржливост на економијата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП