7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРусија најде нов пазар за своето злато

Русија најде нов пазар за своето злато

Откако мораше да го напушти Лондон поради војната во Украина, руската трговија со злато се префрли во Дубаи. Меѓутоа, сега повторно го менува местото, овој пат во Хонг Конг, пренесува „Bloomberg“.

Градот долго време беше клучен за влез на златни шипки во континентална Кина – најголемиот потрошувачки пазар во светот – но од април, руските испораки растат. Хонг Конг годинава увезе 68 тони руско злато, четири пати повеќе отколку во цела 2022-ра година.

Преместувањето во Хонг Конг беше поттикнато од американските санкции против водечките руски рударски компании, како и од контролата на властите во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) против нелегалните активности на пазарот на злато, велат познавачите на ова прашање. Сето ова дополнително ги нагласува предизвиците со кои се соочува Западот во борбата за ограничување на изворите на финансирање на руската воена индустрија.

Пред инвазијата на Украина, речиси целото злато извезено од Русија – втората по големина рударска земја во светот – беше испратено во трезорите во Лондон, центарот на меѓународната трговија со благородни метали. Но, нападот на Москва го направи руското злато табу, уште пред да биде официјално забрането во земјите од Г-7 и во Европската унија.

Увозот на руско злато во Хонг Конг значително се зголеми во последните месеци. Инфографик: „Bloomberg LP“.

Кога руското злато беше блокирано од Лондон, Дубаи, клучен транзитен центар за злато наменет за пазарите на Блискиот Исток и Азија, се појави како првичен победник. ОАЕ задржаа неутрален став и оваа година, одбивајќи да преземе формална акција против руското злато и покрај лобирањето од страна на САД и Велика Британија, велат извори запознаени со ова прашање.

Русија испорача 96,4 тони злато во ОАЕ во 2022-ра година, што ја прави најголемиот снабдувач во земјата. Ова беше повеќе од пет пати повеќе од обемот што се извезуваше преку Хонг Конг во тоа време.

И додека сѐ уште нема забрана од властите на ОАЕ за увоз на руско злато, обемот значително се намали. Ова делумно се должи на регулаторната чистка откако оваа земја од Блискиот Исток беше додадена на списокот за набљудување од страна на меѓународниот регулатор за спречување на перење пари, „Financial Action Task Force“.

Банкарските трансфери во ОАЕ се предмет на зголемен надзор, а плаќањата во готовина се следат преку задолжителна државна база на податоци, што ги отежна плаќањата на руските извозници, велат изворите. Американските санкции од мај против најголемиот руски рудар за злато, „Polyus“, како и локалниот огранок на „Polymetal International“, исто така имаа застрашувачки ефект бидејќи трговците и банките од ОАЕ се повнимателни да се занимаваат со такви ентитети, коментираат познавачите.

Некои купувачи со седиште во Дубаи почнаа да ги пренасочуваат купувањата низ Хонг Конг, покажаа прелиминарните податоци од „ImportGenius“, врз основа на податоците на руската царина за шест месеци до август. Другите компании од емиратите едноставно се повлекоа. Државната логистичка компанија „Transguard“, која е дел од авиокомпанијата „Emirates Group“, во мај соопшти дека престанала да транспортира руско злато.

Обединетите Арапски Емирати ќе продолжат да тргуваат „во согласност со сите актуелни меѓународни норми поставени од Обединетите нации“, изјави за „Bloomberg“ Комитетот за злато на Емиратите, со кој претседава државата.

Минатата среда, Велика Британија издаде нова рунда санкции против компании поврзани со руската трговија со злато, вклучително и со седиште во Дубаи – „Paloma Precious DMCC“, за која се наведува дека увезла шипки во вредност од 300 милиони долари од земјата. Во минатото, таа беше акционер во „Emirates Gold DMCC“, рафинеријата која беше отстранета од списокот на акредитирани компании на ОАЕ поради загриженоста за нејзината сопственост.

Во исто време, Кина јасно стави до знаење дека сака да ја зајакне својата трговија со Русија, истакнувајќи ги блиските врски меѓу лидерите на двете земји, Си Џинпинг и Владимир Путин. Пекинг обезбеди дипломатска и економска поддршка на Москва што помогна да се ублажат ефектите од западните санкции, а Кина сега е најголемиот увозник на руски фосилни горива.

„VPower Finance Security (Hong Kong) Ltd.“, која пренесува готовина и благородни метали за некои од најголемите финансиски институции во Кина, е клучен играч во ракувањето со новоприменото злато од Русија, покажуваат податоците на „ImportGenius“. Компанијата не одговори на е-пошта со барање коментар.

Свртувањето кон Хонг Конг беше помогнато и од порастот на цените на кинеското злато над меѓународните во септември.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП