6 октомври, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУОгромен предизвик е да се работи за компании на американскиот пазар -...

Огромен предизвик е да се работи за компании на американскиот пазар – Марија Динева Ѓорѓиевска Финансов директор во Пантелеон ГС

Пантелеон ГС е македонска компанија која има потенцијал да прерасне во аутсорсинг лидер на Балканот, но и регионален и глобален “talent hub” за млади, амбициозни и способни луѓе. Компанијата покрај во Скопје има своја канцеларија и во Белград, Србија, успешно работи и полека го зголемува тимот. Во неа работат талентирани индивидуи кои нудат разновидни аутсорсинг  услуги  поврзани со управување со ризици, осигурителни, финансиски, лизинг, менаџмент услуги за компании на американскиот пазар. Станува збор за високо профилирани и професионални кадри, кои работат на софистицирани проекти со високо додадена вредност. Дел од Пантелеон ГС тимот е и Марија Динева Ѓорѓиевска искусен експерт за лизинг, со повеќегодишно искуство во една од специјалиизраните лизинг компании во земјава. Со неа разговараме за експертизата на лизинг менаџерите во земјва, за нивниот потенцијал, и можноста да конкурираат на светскиот пазар.

Го прифативте предизвикот да работите во Пантелеон ГС, за компании на американскиот пазар. Колку е различно да се работи локално, во споредба со работа за компетитивниот американски лизинг пазар?

Во последниве неколку години многу често ја слушав фразата за т.н. „излез од комфорна зона“. Секоја помисла за излегување надвор од некоја матрица вообичаено резултира со дилеми дали сега е вистинското време, дали изборот ќе биде правилен, дали ќе го направам вистинскиот чекор… Колку подолго си во „матрицата“, толку потешко се носат одлуки за излез. Но, предизвикот од Пантелеон ГС за мене дојде токму во вистинското време. Долгогодишното искуство, воопшто, во македонското стопанство ми беше „ветар во грб“ и решив да го направам чекорот на промена. Ризикот да се биде или не, да се остане или да се замине го спротивставив на можноста за освојување нови знаења и проширувања на моите хоризонти.  Морам да признам дека одлуката многу тешко ја донесов. Јас сум човек кој по природа е доста емотивен, се врзувам за работата и за луѓето со кои тесно соработувам и разделбата од моите поранешни колеги и соработници беше потешкиот дел од мојата одлука за промена. Но, амбициите да се оди понатаму, да се работи нешто поразлично и да се направи таа промена за која некако тешко се одлучуваме беа доволни да го прифатам предизвикот.

Дали има разлика од делувањето локално и работењето за американски пазар? Се разбира дека има разлика. Првата асоцијација за работа за американски пазар е работата во различни временски зони. Потоа, работата на далечина, состаноци на далечина, разлики во банкарскиот систем, разлики на пазарите, клиентите, производите кои се финансираат итн. Целокупниот систем е поставен и функционира поинаку, различни правила на игра, огромен пазар настроен клиентилистички каде  особено е важно донесување квалитетни одлуки. Се’ е различно, а истовремено многу слично бидејќи за да се опстои на пазарот било каде во светот клучни се вистинските одлуки, во вистинско време и со вистински луѓе, во случајов клиенти.

Што всушност работите? И кажете ни нешто специфично за овој пазар?

Во Пантелеон ГС работам на позицијата Chief Financial Officer на финансиски институции кои се занимаваат со финансирање по пат на кредитирање и давање услуги за лизинг – финансиски и оперативен. Оваа работа, на некој начин, претставува континуитет на тоа што го работев и за македонскиот пазар, се разбира, со одредени специфики карактеристични за американскиот пазар. Една од позначајните специфики кои овде би ги издвоила е фактот дека пазарот е најдобриот регулатор, во смисол дека конкуренцијата ги издвојува најдобрите од останатите. Тоа е малку далечно и можеби не толку лесно да се замисли во Македонија, или на европското тло, каде се е строго регулирано од соодветни државни тела и институции. Да се работи во еден таков амбиент е далеку поразлично бидејќи остава повеќе простор за брз раст и напредок.  Тоа во значителна мера дава ширина и слобода во работењето, но истовремено и поголеми ризици кои треба паметно да се пресретнат, менаџираат и канализираат. Меѓутоа, сето ова не значи дека компаниите не посветуваат внимание на квалитетот на работењето. Напротив, строго изградените системи на интерна контрола, одличните оперативни системи за работа, соодветните тренинзи на вработените ги сведуваат овие ризици на минимум.

Колку работата ве исполнува?

Брзото темпо на живот кое во голема мера ни е наметнато од динамиката со која функционира деловниот свет не го остава никого рамнодушен. Често знаеме да кажеме дека сме во трка со времето во воспоставувањето баланс помеѓу приватните и работните обврски. Меѓутоа, кога го работиш тоа што го сакаш може да се каже дека полесно се премостуваат разликите. Можам да кажам дека целосно сум се пронашла во работата која ја работам веќе 20 години. Од самите мои почетоци до денес барам нови предизвици, црпам искуства и знаења од сите можни ситуации, од сите победи и порази. Зборот откажување не постои во мојот речник. Признавам кога грешам, доста сум самокритична, но истите карактеристики ги барам во сите мои соработници. Не е доволно работата само по себе да не’ исполнува без притоа да не забележиме дека имаме тим кој придонесува за заедничкиот успех. Да се биде човек е многу поважно од тоа да се биде работник на годината кој гази пред себе. Среќна сум што за целиот мој досегашен професионален ангажман сум соработувала со прекрасни луѓе без кои мојот успех не би бил целосен и се разбира голем дел од истиот им го препишувам ним. Овде морам да го споменам и моето семејство без чија поддршка и разбирање немаше да бидам таму каде што сум сега. Од нив ја црпам сета енергија да продолжам понатаму.  

Колку во вашата компанија ве мотивираат да го дадете вашиот максимум. И што би им препорачале на помладите кои тек сега започнуваат кариера во оваа област.

Во разговор со моите деца, па и со помладите колеги често знам да кажам „во мое време беше поинаку“ за различни ситуации во кои сме се нашле. Но, тие „наши времиња“ се далеку зад нас во секој поглед. Технологијата, интернетот и социјалните медиуми овозможуваат се’ да ни биде достапно, сите информации да ни бидат на дланка. Денес компаниите во голема мера ги користат придобивките на оваа нова ера. Нашата компанија во никој случај не заостанува во тој поглед. Напротив, се користат сите алатки за мотивација на вработените на сите нивоа, се негува амбиент во кој секој треба да биде задоволен не само од работата, туку и од условите во која таа работа се извршува. Младите денес имаат далеку подобри услови за работи и можности тоа што го сакаат да го добијат. Очекувањата на компанијата која вложува во своите вработени е тие заеднички да растат и напредуваат кон нови успеси. Мојата препорака е младите да го искористат тоа што им се нуди, но да не заборават дека работата е таа за која сме ангажирани, работата е основен двигател кон успехот. Сите придобивки од успехот може ќе дојдат подоцна, но истиот е можен само со многу работа, со учење, со грабање знаење од поискусните. Мојата формула е таа!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП