2 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАИ туристичките водичи се срамат од Скопскиот Аквадукт – странците не можат...

И туристичките водичи се срамат од Скопскиот Аквадукт – странците не можат да го посетат ни во сон!

Никој не се грижи за еден од најзначајните археолошки локалитети во главниот град – Скопскиот Аквадукт, кој, за жал, од ден на ден пропаѓа сѐ повеќе и повеќе, а околу него се трупаат сѐ поголеми купови со ѓубриште.

Да се наоѓаше Скопскиот Аквадукт, на пример, во Франција или во Грција, коментираат туристичките водичи со кои разговараше Денар, тој дефинитивно ќе им парираше на Ајфеловата кула во Париз и на Акрополот во Атина.

Но, за жал, додаваат тие, Скопскиот Аквадукт ја имал несреќата да биде сместен во една неодговорна и незаинтересирана држава, која не знае да си го цени и да го одржува тоа што е нејзино.

Сепак, посочуваат туристичките експерти, Скопскиот Аквадукт сѐ уште гордо стои кај Визбегово, не се предава и сѐ уште не крева раце од нас, иако ние одамна кренавме раце од него.

Туристичкиот водич Јоцо Т, вработен во една позната скопска туристичка агенција, ни објасни дека голем е бројот на негови колеги кои одбиваат да ги носат туристите да го посетат ова место, иако посетата е предвидена во програмата.

– А што да им кажам на туристите кои дошле од крајот на светот за да го видат Скопскиот Аквадукт? Да им речам дека овие камењата што ги гледате пред вас се многу стари? Да им речам дека ова ѓубрево, расфрлените влажните марамици и презервативи наоколу се само дел од приказната? Да се правам дека не сум слушнал ако некој од туристите ме праша зошто дел од аквадуктот се распаѓа? Кажете ми, што да им кажам? Таму е катастрофа, ми се плаче секојпат кога ќе го здогледам аквадуктот. Никој во државава нема свест дека во близина на главниот град, кај скопската населба Визбегово, сѐ уште гордо стои еден аквадукт кој датира од периодот 527-554 година. Сѐ додека не се сетат надлежните и не поведат сметка за аквадуктот, јас лично не ги носам туристите таму – ни изјави револтираниот туристички водич.

Инаку, историчарите сметаат дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија.

Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток.

Аквадуктот за последен пат бил обновен по Скопскиот земјотрес во 1963 година, кога биле поправени три лака и два столба кои паднале од јачината на земјотресот.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП