3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата е уморна од неколку годишната кризна состојба!

Економијата е уморна од неколку годишната кризна состојба!

Стопанството редовно инсистира да се зголеми интересот на бизнисмените за инвестиции бидејќи само на тој начин ќе може да се зголеми растот на целокупната економија. Но колакв е ударот од актуелната криза од војната во Украина, и дали приватниот сектор може самостојно да делува без државна помош!? Бизнисот е дециден дека зголемување на бројот на извозно ориентираните компании и продуцирање на производи со додадена вредност е потребно повеќе од било кога. Тоа според експертите значи и подобри резултати и повисок раст на Бруто домашниот производ но и раст и развој на економијата. Фајнанс Тинк подготви и анализа од податоци од над 100 компании кои директно се погодени од војната во Украина.

Анализата која ја направи Фајнанс Тинк е поткрепена од податоци добиени од 112 компании од најразлични сектори и дејности, а информациите се собрани во период од април и мај годинава. Од институтот велат дека студијата има за цел да се процени влијанието на кризата предизвикана од конфликтот во Украина врз фирмите од земјава. Податоците велат дека од аспект на големината на фирмата, големите компании беа најзасегнати, затоа што тие се најизложени, односно купуваат струја на отворениот пазар. Додека од аспект на сектори, компаните од градежништвото беа најзасегнати, дури 40 проценти од фирмите од овој сектор известија зголемување на овој трошок за повеќе од пет пати.

„Домашните компании се увозно зависни од суровини и енергија, и глобалниот пораст на цените брзо се пренесе во домашната економија. Така, енергетската криза влијаеше врз компаниите преку порастот на трошоците за работа, и тоа, освен цената на енергијата, и трошоците за суровини и вработените забележаа пораст. Резултатите покажаа дека компаниите искусиле пораст на трошоците за суровини од 20 до 50 проценти, иако кај малите компании и кај компаниите од секторот земјоделство овој пораст е значајно поголем, што ги прави поранливи на сегашната и идни кризи. Во делот на трошоците за енергија, пак, повеќе од една третина од компаниите искусија двојно до петкратно зголемување на трошокот за струја помеѓу 2021 и 2022 година“, се наведува во анализата.

Дополнително, трошоците за работна сила се зголемија, и тоа до 50 проценти во споредба со претходната година. Во истражувањето се наведува и дека, товарот од зголемените трошоци за работна сила е малку поголем кај малите фирми, во споредба со поголемите фирми, како и кај извозниците.

Тоа според експертите е резултат на недостигот од работна сила со средно ниво на вештини, што извршило главен притисок врз платите. Сепак, за околу третина од фирмите, зголемувањето на минималната плата било важен фактор во зголемувањето на трошоците за работната сила.

„Компаниите примениле неколку стратегии за справување со кризата: примарно, тие ги пренесле трошоците на цените од своите производи, ги намалиле другите оперативни трошоци, одложиле некои планирани инвестиции, а поретко застапен беше прекин на производството (само кај некои фирми од секторот земјоделство). Сепак, постојат разлики во зависност од типот на трошокот, и големината и секторот на компанијата. Така, за да се справат со зголемените трошоци на суровините, доминантна стратегија на компаниите од сите големини беше зголемување на цените на своите производи, додека големите фирми почесто преземаа стратегија за намалување на другите трошоци“, стои во анализата на Фајнанс Тинк.

Истражувањето на експертите покажува дека средните и големите фирми презедоа поструктурни чекори, односно се впуштија во инвестиции во капацитети за сопствено производство на електрична енергија, како и реорганизирање на процесите за намалување на потрошувачката на енергија. Но, малите фирми не преземаа никаква стратегија за соочување, што може да биде одраз на нивното работење на регулиран пазар на електрична енергија. Фирмите кои не презеле никаква стратегија за справување со растечките трошоци, и процесот на пренос на овие трошоци врз цените на своите производи им одело потешко.

Од Стопанската комора посочија дека постојат три канали преку кои се пренесува кризата од војната во Украина, а тоа се цената на енергенсите, храната и чиповите.

„Фактот што клучните производи како природен гас, нафта и пченица доаѓаат од Русија и Украина, е само потврда за веќе зголемените цени за широка потрошувачка, без разлика дали трговската размена е директно помеѓу Македонија и овие две земји или преку канали на ЕУ. Уште повеќе загрижува фактот дека индиректните ефекти преку влијанието на конфликтот врз економијата на ЕУ имаат потенцијал да го намалат извозот и инвестициите (кон и од ЕУ), да ги намалат дознаките на нашите иселеници во ЕУ, а со тоа и расположливиот доход на домаќинствата во Македонија и личната потрошувачка. Високиот пораст на цените ја поткопува куповната моќ на населението во ЕУ, што ќе се рефлектира во помала побарувачка за наши производи и услуги“. велат од Стопанската комора.

Од владата на неколку пати посочија дека прават напори за справување со актуелната криза. На располагање на домаќинствата и фирмите велат дека оставиле речиси 800 милиони евра кои преку разни мерки стасуваат до оние правни и физички лица за кои се потребни.

„Секогаш работиме на планот на менаџирање и подготвени сме да ги менаџираме последиците од кризата, но очекуваме и би сакале руската агресија во Украина да заврши поскоро. Владата вложува максимални напори со директно буџетско субвенционирање на ублажување на ценовните шокови, покачување на минималната плата, повеќе средства за пензионерите, заштита на животниот стандард на граѓаните и други мерки за намалување на дел од давачките, со цел да се ублажи ценовниот шок“, велат од Владата.

Светот, а особено Европа а со тоа и Македонија ја живее четвртата година во сериозна криза. Се почна од пандемијата, која го затвори светот и индустријата на глобално ниво, потоа следуваше енергетската криза на која само се надоврза војната помеѓу Русија и Украина која предизвика галопирачка инфлација, раст на цените на храната и енергенсите.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП