2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоја е омилената земја на дигиталните номади?

Која е омилената земја на дигиталните номади?

Најважниот фактор за дигиталните номади при изборот на дестинација е цената.

Ова го покажува новата студија на платформата „Flatio“ за новите трендови на живеење како дигитален номад.

Речиси половина од испитаниците на прво место го ставаат финансискиот фактор.

Студијата ги испитува промените во дигиталниот номадизам во 2023-та година, расветлувајќи ги мотивациите, фрустрациите и омилените дестинации на дигиталните номади ширум светот.

За целите на истражувањето, 32 прашања беа испратени до над 25.000 дигитални номади, при што 1.200 луѓе одговорија на низа теми, од годишен приход, даноци и статус на вработување до визи, преференции за сместување и социјални причини.

Од испитаниците, најголем дел има од САД (37%), потоа Велика Британија (12%) и Германија (5%). Нешто повеќе од половина се на возраст од 30-39 години, а скоро 23% се на возраст меѓу 18 и 29 години. Половите се релативно избалансирани – 55% се мажи, а 44% се жени, додава „Euronews“.

Португалија е број 1 за дигитални номади

Португалија е најпопуларната дестинација за дигиталните номади.

Првата петорка ја комплетираат Тајланд, Шпанија и Аргентина и Мексико. Љубопитен детал е тоа што во Топ 10 е и Романија, која е на деветтото место.

Истражувањето покажа дека нешто повеќе од една третина од дигиталните номади се хонорарци, нешто помалку од една третина се вработени со полно работно време, а околу 13% се претприемачи или сопственици на бизниси.

ИТ, технологијата, медиумите, рекламирањето, ПР и маркетингот се најчестите сектори, а потоа претприемништвото и уметноста, културата и забавата.

Колку треба да заработувате месечно за да бидете дигитален номад?

Нешто повеќе од 25% од испитаниците велат дека треба да заработуваат помеѓу 3.000 и 3.900 евра месечно за да водат дигитален номадски живот.

Нешто повеќе од 20% избираат опсег од 2.000 евра до 2.900 евра, а 18% велат дека треба да заработат од 4.000 до 4.900 евра.

Мнозинството (66%) од испитаниците велат дека плаќаат даноци во нивната матична земја. Само 19,4% плаќаат даноци во друга земја.

Што е најтешко да се биде дигитален номад?

Дигиталните номади го рангираат наоѓањето домување како најнепријатниот дел од начинот на живот.

Најчесто, тие бараат можности за сместување на групите „Airbnb“, „booking.com“ и „Facebook“. Приватните апартмани и хотелски соби се најчестиот избор, а потоа следуваат приватните соби и хостели.

Една четвртина од анкетираните трошат 501-700 евра месечно за кирија, а нешто помалку од 20% – 301-500 евра.

Стекнувањето пријатели и дружењето се вториот најтежок дел од тоа да се биде дигитален номад.

На трето место се даночните прашања.

Кои се придобивките од дигиталните номадски визи?

Групата што учествуваше во истражувањето е прилично рамномерно поделена на темата визи.

Нешто повеќе од 46% велат дека ги користат, додека 44% не. Над 60% мислат дека се корисни, додека 15% мислат дека треба да се работи на нив, а 7% не мислат дека се корисни.

Запрашани конкретно за дигиталните номадски визи во Шпанија и Португалија, околу 60% од испитаниците одговориле дека тие се корисни.

„Дигиталниот номадизам не е само тренд, тоа е иднината на бизнисот, патувањето и животот. Сакавме да навлеземе подлабоко во овој начин на живот бидејќи беше тешко да се најдат ажурирани податоци“, велат од „Flatio“.

Некои од наодите на извештајот беа изненадувачки, особено во однос на бројот на дигитални номади кои се вработени со полно работно време. Претходно, ова беше типично за хонорарците, претприемачите и работниците независни од локацијата.

„Сега се чини дека секој може да се вклучи во она што несомнено ќе има позитивно влијание врз продуктивноста, здравјето и целокупното задоволство кај работната сила“, објаснува Радим Резек, ко-основач и извршен директор на „Flatio“, во врска со студијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП