4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАВо име на МВР се испраќаат закани за апсење ако не се...

Во име на МВР се испраќаат закани за апсење ако не се одговори на мејлот, граѓаните цел на нова измама

Јавното алармирање од Министерството за внатрешни работи не ги уплаши измамниците што испраќаат дописи во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски. И во текот на вчерашниот ден граѓани добиле имејл во кој пишува дека се тужени за детска порнографија, порностраница, сајбер-порнографија, егзибиционизам. Некои знаеја дека станува збор за лажен допис, други, велат, дописот ги вознемирил. Од сите се барало да одговорат на мејлот или во спротивно им било најавено дека против нив ќе бидат преземени други мерки.

„Вие сте овластени да одговорите со непосреден ефект на приложената покана. Ако не одговорите, нема да имаме друг избор, освен да преземеме правни мерки против вас“, пишува во пораката испратена од странска електронска адреса.

Во прилог е испратен и допис во кој им се заканува апсење. Тој е изработен со лого од МВР и Интерпол.

„Како одговор на оваа е-пошта, ве молиме да ни дадете обснујавање во рок од 72 часа за да можеме да ги утврдиме санкциите. По овој период, од нас ќе се бара да го предадеме нашиот извештај на јавен обвинител, со цел да воспоставиме налог за апсење за вас и да ѝ го предадеме на полицијата најблиску до вашиот дом за апсење“, стои во прикачениот документ.

И денеска, како и пред неколку дена, МВР испрати предупредување да не се наседнува на лажни електронски пораки во име на директорот на БЈБ бидејќи, според нив, станува збор за обид за измама во меѓународни рамки.

„Деновиве, во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиена електронска порака, наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, во која во вид на некакво барање за судско појаснување примачот на пораката се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, т.е. дела што ги нема сторено. Притоа примачот на пораката се повикува да контактира со испраќачот. МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака, која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама, во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот, со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа, апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се стапи во контакт со испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци што ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки што се испратени во прилог на електронската порака, која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер. Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина, а со иста цел – злоупотреба на лични податоци, во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот“, велат од МВР.

Ова не е прва ваква измама. Претходно, се крадеа банкарски и лични податоци од граѓани. Тогаш измамници се претставуваа во име на Управата за јавни приходи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП