26 април, 2024
ПочетнаСВЕТЕдна нова студија открива: Речиси сите во светот дишат загаден воздух

Една нова студија открива: Речиси сите во светот дишат загаден воздух

Загадувањето на воздухот е неверојатно тешко да се избегне, без разлика каде живеете, покажува новото истражување на Универзитетот Монаш во Австралија, кое открива дека речиси 99 отсто од светската популација дише нездрави нивоа на честички во воздухот.

Овие честички се означени со кратенката PM2.5. Студијата е објавена на 6 март во списанието Lancet Planetary Health, а во неа тим истражувачи користеле компјутерски модели за да ги проценат дневните концентрации на PM2,5 во светот во периодот од 2000 до 2019 година, пренесува PopSci.

Моделите беа користени за проучување на квалитетот на воздухот, времето и симулации на патување на хемикалии низ воздухот. Истражувачите откриле дека во 2019 година, само 0,01 отсто од светското население било изложено на нивоа на ПМ2,5 кои Светската здравствена организација (СЗО) ги смета за безбедни. СЗО вели дека концентрациите над 5 микрограми ПМ2,5 честички на метар кубен се опасни.

Дневните нивоа на честички во воздухот паднаа во Северна Америка и Европа во периодот што го набљудуваа истражувачите, но се зголемија во Австралија, Нов Зеланд, јужна Азија, Латинска Америка и Карибите. Во 20-те години од студијата, речиси 70 проценти од деновите во овие области загаденоста на воздухот беше над препорачаните нивоа на СЗО. Највисоки концентрации се регистрирани на југот и истокот на Азија и северот на Африка.

Коавторот на студијата и епидемиолог Јуминг Гуо вели дека постојат сезонски обрасци каде што се јавуваат опасни концентрации на честички ПМ2,5. Североисточна Кина и северна Индија регистрираат повисоки нивоа во текот на декември, јануари и февруари, а источните региони на Северна Америка регистрираат повисоки концентрации во текот на летните месеци.

„Забележавме и релативно високо загадување на воздухот во август и септември во Јужна Америка и од јуни до септември во субсахарска Африка“, рече Гуо.

Сепак, студијата има некои ограничувања – во некои земји нема доволно детални податоци, што може да влијае на тоа колку се прецизни моделите за тие региони, додаде Гуо за Вашингтон пост.

Студијата, можеби прва од ваков вид, ги потврдува податоците објавени од СЗО минатиот април, според кои 99 отсто од светското население е изложено на опасни нивоа на загадување на воздухот.

„Честичките, особено ПМ2.5, можат да навлезат длабоко во белите дробови и преку нив во крвотокот, оставајќи кардиоваскуларни, цереброваскуларни или респираторни ефекти врз телото. Се зголемуваат доказите дека овие честички влијаат и на други органи и предизвикуваат болести“, се вели во соопштението на СЗО минатата година.

Други студии покажуваат дека дури и ниското ниво на загаденост на воздухот може да ја зголеми стапката на смртност. Загадувањето предизвикано од сообраќај е поврзано со намалена родилна тежина на децата, како и депресија и биполарно растројство.

„Оваа студија ни дава подлабоко разбирање за сегашните нивоа на загадување на воздухот на отворено, како и за последиците по здравјето на луѓето“, рече Гуо.

„Користејќи го ова знаење, политичарите, службениците во јавното здравство и истражувачите можат подобро да ги проценат краткорочните и долгорочните ефекти од загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето и да осмислат стратегии за намалување на штетите предизвикани од загадувањето на воздухот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП