25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ разговара за ограничување на рускиот дизел од 100 долари за барел

ЕУ разговара за ограничување на рускиот дизел од 100 долари за барел

Европската унија (ЕУ) предлага план за ограничување на цената на рускиот дизел на 100 долари за барел, ниво кое може да биде доволно високо за да го одржи протокот, пишува „Bloomberg“.

Европската комисија (ЕК), извршното тело на ЕУ, размислува колкава треба да биде границата откако Г-7 предложи опсег на цени, делумно заснован на постојното ограничување на руската сурова нафта. Блокот е подготвен да забрани увоз на рафинирани руски производи од 5-ти февруари како дел од санкциите против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

ЕУ и Г-7 сакаат да наметнат ограничувања на цените на рускиот извоз во трети земји, но цените остануваат флуидни и нестабилни. Цена од 100 долари за барел ќе важи за производи како што е дизелот, кој се тргува со премија во однос на суровата нафта, велат извори запознаени со ова прашање. Ограничувањето од 45 долари за барел ќе важи за производи како што е мазутот. Бројките сè уште се предмет на промена додека продолжуваат разговорите меѓу земјите-членки на блокот.

Преговорите за нивото на цените се комплицирани од напорите на ЕУ да балансира две конкурентни цели: ограничување на руските приходи и спречување на скокови на цените или недостаток на клучни производи на светскиот пазар. ЕУ ќе мора едногласно да се согласи за нивоата на ценовната граница, која Г-7 потоа ќе треба да ја одобри.

Европските дипломати почнаа вчера да разговараат за нивото на цените, а жестоките разговори се очекува да продолжат во следните неколку дена, бидејќи земјите се обидуваат да воведат построги ограничувања на приходите од извозот на руската нафта и да ги зајакнат пошироките санкции на ЕУ против Москва.

Креаторите на политиката во ЕУ се особено загрижени за можниот недостиг на дизел по забраната, а ограничувањето на цената е наменето да обезбеди продолжување на рускиот извоз.

„Очекуваме руските суровини да останат во голема мера незасегнати од ова“, рече Алан Гелдер од „Wood Mackenzie Ltd“.

„Протоците во голема мера ќе продолжат и тоа ќе ги намали приходите на Русија“, додава тој.

Руските залихи веќе се тргуваат со длабок попуст на оние од други добавувачи, што значи дека влијанието врз заработката на руските продавачи можеби нема да биде толку големо, покажаа податоците од „S&P Global Commodity Insights“.

Фирмата, попозната меѓу трговците со нафта како „Platts“, заедно со ривалот „Argus Media Ltd“, суспендираше некои проценки на рускиот дизел претходно овој месец како подготовка за забрана на ЕУ за увоз по морски пат. На 10-ти јануари, „Platts“ го цени рускиот дизел со попуст од 113,50 долари за тон или 15,20 долари за барел за неруски производи.

Механизмот на плафонот на цените функционира така што им дозволува на европските компании да обезбедат финансирање и осигурување за извоз на нафта од Русија чија цена не го надминува плафонското ниво.

Иако ограничувањето веројатно нема да има големо влијание, забраната за увоз во ЕУ може да има голем ефект. Мерките ќе ја лишат Русија од водечкиот извозен пазар на дизел и блокот на нејзиниот главен надворешен снабдувач. Исто така, постои сомнеж дали Русија ќе може да најде доволно алтернативни купувачи.

Претставниците на Г-7 очекуваат дека рускиот дизел што моментално се продава во Европа најверојатно ќе најде купувачи во Латинска Америка и Африка. Во меѓувреме, Европа ќе се обиде да купи дизел од Блискиот Исток и од САД, кои моментално ги снабдуваат главно Латинска Америка и Африка. Промените би можеле да резултираат со повисоки трошоци за испорака бидејќи некои пратки ќе мора да патуваат поголемо растојание.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП