29 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИко Брдароски – Пакомак: Повратните вендинг машини го олеснуваат одложувањето на отпад

Ико Брдароски – Пакомак: Повратните вендинг машини го олеснуваат одложувањето на отпад

Концептот на повратни вендинг машини за одложување на отпад се популаризираше ширум светот во последните неколку години, а во нашата земја се прават обиди да се следи овој тренд. Според Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак, навиките на населението тешко се менуваат, но преку инвестирање во едукација и соодветна инфраструктура може да се подобри сликата за одговорното одложување на отпад во земјата.

Колку луѓето ги користат вендинг машините?

Ико: Оние свесните и совесни луѓе, кои се грижат за заштита на животната средина, и во моментов активно ги користат. Има и такви кај кои што стимулацијата што ја дава Пакомак има влијание, па постепено почнуваат да ги користат. Моментално имаме над 5.000 активни корисници кои што самоиницијативно ги користат машините. Во иднина кога ќе поставиме поголем број на машини и кога ќе имаме кампање за нив очекуваме таа бројка драстично да се зголеми и од година во година, како поставуваме машини, така и да расте. Машини во прва фаза ќе има во Скопје но од година во година ќе се поставуваат и во другите градови за да по 5-6 години имаме поставено над 300 машини и на тој начин ќе овозможиме секој граѓанин на РМ да може да ги коруисти машините и бенефитите кои произлегуваат од нив.  

Доколку не ги користат вендинг машините, која е причината за тоа?

Ико: Главната причина е дека се’ уште немаат стекнато навика за селекција на отпадот дома. Дел од луѓето се презафатени од секојдневните обврски и затоа помалку време инвестираат во размислување за селекција на отпадот. Сепак, постојат и луѓе на кои грижата за околината и животната средина не им е приоритет. А бидејќи не се казнуваат луѓето за несоодветно фрлање отпад во природата, тоа им делува охрабрувачки и затоа не се одлучуваат да го променат своето однесување. Пакомак сака да се обиде да ги реши овие проблеми и да обезбеди приклучување на што повеќе луѓе кон одговорниот начин на одложување на отпадот

Колку Вендинг машини се поставени досега и кои се вашите планови за блиска иднина?

Ико: Процесот на поставување на вендинг машини се одвива според планот и досега имаме поставено 11 машини на територијата на главниот град. Во иднина, планот е да се прошири мрежата и да се постават нови повратни вендинг машини во повеќе градови, со цел на сите граѓани да им се обезбеди полесен начин за одложување на отпадот.

Дали имате сознание колку во моментов амбалажен отпад  се собира преку нив?

Ико: Во моментов, повеќето од машините ги празниме и до 3-4 пати во текот на денот. Тоа укажува дека во одредени локации почесто се користи вендинг машината, но и дека Пакомак активно се грижи контејнерите на вендинг машините постојано да имаат место за нов отпад.

Како национален лидер кога станува збор за екологија и активности поврзани со неа, кој е вашиот совет за институциите, а кој за граѓаните?

Ико: Најпрво и приоритетно е да се обезбеди доследна имплементација на законот за отпад од пакување, како и реализацијата на казни за оние што несоодветно го фрлаат отпадот. Потоа, сметаме дека е непходно да се реши проблемот со неформалните собирачи, кој не е адресиран досега. Во целиот процес треба да се вклучат и општините, кои активно треба да размислуваат за решавање на проблемот со сите видови на отпад. Од друга страна, пак, граѓаните треба почесто да размислуваат за животната средина и околината во која живеат, бидејќи немаме друга земја која можеме да ја наречеме своја и каде што сакаме да израснат нашите следни генерации. Секој сака да живее во убава средина, но за да го имаме тоа, имаме обврска и да се грижиме за неа.

Навиките тешко се менуваат, тоа знаеме. Но, дали казните се решение? Какви се искуствата од другите земји?

Ико: Она што го научивме од другите земји е дека непочитување на правилата и законите резултира во казни за сторителите, а тоа пак силно влијае на навиките на луѓето и почитувањето на законите во иднина. За ова се одговорни властите, кои на тој начин гарантираат дека соодветната инфраструктура ќе вроди со плод и организациите задолжени за одложување и управување на отпадот ќе имаат услови да ја работат својата работа. Мислам дека можеме многу да научиме од другите земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП