26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМоже ли историјата на инфлацијата да не научи нешто?

Може ли историјата на инфлацијата да не научи нешто?

Цените во Германија вртоглаво растат, исто како пред половина век. Каде се паралелите меѓу денешните поскапувања и инфлацијата во седумдесетите? Што е различно сега?

„Дали треба да платите повисока сметка за парно?“, прашува телевизиски новинар граѓанин пред влезот во куќата. Таа вади хартија од џебот и вели: „До сега плаќавме по 40 марки месечно, а во иднина ќе треба да плаќаме 80 марки“. Тоа е двојно повеќе“. Самата валута открива дека се работи за телевизиска програма од архивата на германскиот јавен сервис АРД. „Енергетската криза ги погодува сите земји од западниот свет“ – ова би можело да биде изјавата и на германскиот канцелар Олаф Шолц. Но, ова се всушност зборовите на поранешниот канцелар Вили Брант, исто така социјалдемократски политичар, кој промовираше денови без автомобили во ноември 1973 година – поради нафтената криза, наиме беше забранета употребата на возила.

Паралелите меѓу 1970-тите и ситуацијата што ја имаме денес, според професорот по економија Петер Тилман од Универзитетот во Гизен, се очигледни: „Тогаш цената на нафтата се зголеми четирикратно, сега, пред сè, цената на гасот драстично се зголеми“. Исто како и тогаш, цел свет и денеска е во шок поради поскапувањето, а тоа е уште една паралела.

Еберхард Фламер, кој тогаш имал дваесет години и почнал да работи во банка, се сеќава на нафтената криза и растот на цените во тоа време. За една недела цената на бензинските пумпи се удвои, на повеќе од една марка за литар гориво. Цената на нафтата за греење, потсетува тој, скокна од 10 на 60 фенинзи. Тие што имаа само малку нафта во резервоарот го исклучија парното.

Реакцијата на општеството беше енергична: „Нафтените тајкуни на Блискиот Исток станаа непријатели“. Нека ја јадат и пијат нивната нафта, нема повеќе да ги трпиме“, го опишува тогашното расположение Фламер. Дали германското општество сега ќе реагира на сличен начин ќе покажат следните недели и месеци.

Во тоа време, зголемувањето на цените на енергенсите ја турна инфлацијата на рекордно ниво. Во декември 1973 година, зголемувањето на цената изнесуваше 7,9 отсто – идентично како и претходниот месец во Германија. И тогаш, како и сега, меѓу економистите имаше консензус: кога цените нагло растат, главната задача на Централната банка е да ја намали стапката на инфлација преку зголемување на референтната каматна стапка. Мислењата беа различни само за прашањето за вистинскиот момент на времето и нивото на каматната стапка.

Експертот Тилман смета дека искуството од историјата е многу важно сега. Во САД и Европа тогаш се покажа дека премногу неодлучното дејствување може да доведе до уште поголеми проблеми. „Барем ФЕД ја научи својата лекција“, вели Тилман. Тој бара решителна акција од Европската централна банка (ЕЦБ), која минатата недела ја донесе одлуката за најголемото зголемување на референтната каматна стапка во нејзината историја – ја покачија за цели 0,75 процентни поени – на 1,25 отсто.

Порастот на каматните стапки, сепак, е отров за економскиот развој и може да резултира со зголемување на стапката на невработеност. Токму тоа се случило пред околу 50 години, кога бројот на невработени се зголемил за кратко време од 273.000 (1973) на 1,1 милион (1975).

Токму тука е и најголемата разлика: наместо намалување на бројот на вработени, сега големи проблеми се демографските промени и недостигот од квалификувани работници. Најдобар пример за тоа е поранешниот млад банкар Еберхард Фламер, кој со децении води компанија која е снабдувач на автомобилската индустрија, со околу 1.300 вработени ширум светот. Тој вели дека последниве години вложил многу труд за обука и дообразување на луѓето во таа компанија.

Се чини дека е исклучено враќањето на масовната невработеност – што е смирувачко во овие времиња. Но, дали инфлацијата ќе остане со нас во иднина? „Не смееме да ја потцениме кризата која штотуку започна.“ Оценката на тогашниот канцелар Брант од пред половина век веројатно денес дословно би можело да ја повтори неговиот наследник, сегашниот канцелар Олаф Шолц.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП