26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„ZF“ се подготвува да го престигне конкурентот „Continental“ во однос на приходите

„ZF“ се подготвува да го престигне конкурентот „Continental“ во однос на приходите

Германската компанија „ZF Friedrichshafen AG“ најверојатно ќе го надмине својот конкурент „Continental AG“ по пазарен удел, додека добавувачите на автомобилски компоненти продолжуваат да се соочуваат со тешкотии во услови на глобална електрификација во автомобилската индустрија и воведувањето технологии како автономни контролни системи, објави „Bloomberg“.

„ZF“, која доставува делови за концерни како „BMW AG“ и „Porsche“, успеа да ја исполни својата цел за минатогодишната оперативна маржа на профит, поддржана од двоцифрен раст на приходите, иако тековната борба против коронавирусот и недостигот на чипови сè уште вршат притисок врз автомобилската индустрија.

„Ова беше исклучително предизвикувачка година за нашата компанија“, рече Волф-Хенинг Шајдер, извршен директор на централата на „ZF“. „Можевме да генерираме повеќе приходи, но растот беше попречен од тешкотиите како што се недостигот на чипови, зголемените трошоци за суровини и многу повисоки логистички такси“, додаде тој.

Приходите на „ZF“ за минатата година се зголемија за најмалку 10%, а оперативната профитна маржа достигна 4,5% -5,5%, рече Шајдер. Приватната инженерска групација на 17-ти март ќе презентира детален финансиски извештај за 2021-ва година.

Според прелиминарните податоци, приходот на „ZF“ за целата година достигна 36 милијарди евра, што е повеќе од очекуваниот приход од продажба на „Continental“ од 33,5 милијарди евра. Компанијата со седиште во Хановер во Германија ја намали својата перспектива во октомври со одвојување на својата енергетска единица.

Основана во 1915-та година како снабдувач на опрема за воздушни бродови од „Luftschiffbau Zeppelin“ на Фердинанд фон Цепелин, „ZF“ сега е под притисок да се преориентира во транзицијата кон електрични возила и автономни автомобили за да ги исполни барањата на производителите на автомобили. Компанијата е специјализирана за производство на менувачи за премиум автомобили со мотори со внатрешно согорување, што значи дека итно треба да ги прилагоди своите активности за да не заостанува зад конкурентите за време на транзицијата.

„ZF“ се рангира меѓу најголемите добавувачи на автомобилски делови откако ја купи „TRW Automotive“ за 12,9 милијарди долари за да се фокусира на компонентите на електричните возила и безбедносните системи. Во 2020-та година ја купи „Wabco Holdings Inc.“ во зделка од 7 милијарди долари.

„Добавувачот останува „отворен за аквизиции дури и ако тие не го достигнат обемот на договорот со „Wabco“ во следните 3 до 4 години“, рече Шајдер. Тој додаде дека продажбата на имот е исто така опција.

„Постојано го прегледуваме нашето портфолио за да видиме дали сè уште сме најдобриот сопственик на деловна единица“, рече првиот човек на компанијата.

Вклучувањето на „Wabco“ го принуди „ZF“ да донесе некои болни одлуки за реструктуирање за да ги намали трошоците кога пандемијата Ковид-19 го зафати светот. Синдикатите предупредија дека бројот на вработени ширум светот може да се намали до 15.000, приближно 10% од работната сила.

„Преговорите за намалување на бројот на вработени и иднината на фабриките напредуваат, но сè уште не се финализирани“, рече Шајдер, очекувајќи дека потешкотиите, вклучително и континуираниот недостиг на чипови, ќе траат некое време.

„Новите технологии како што се електричната мобилност, автономното возење или софтверот нудат повеќе потенцијал за приходи за „ZF“ отколку што можеме да генерираме со постоечката технологија“, рече Шајдер, додавајќи: „Нашиот бизнис во 2030-та година мора да биде поголем отколку што е денес“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП