7 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Maersk“ купува азиски магацински гигант за 3,6 милијарди долари

„Maersk“ купува азиски магацински гигант за 3,6 милијарди долари

Најголемата светска компанија за транспорт на контејнери „А.Р. Moller-Maersk“ преговараше за второто најголемо купување во својата историја, стекнување на азиски магацински гигант, пишува „Bloomberg“.

„Maersk“ ќе плати 3,6 милијарди долари за да ја купи „LF Logistics“ со седиште во Хонг Конг, соопшти компанијата во средата. Договорот е втор по големина кој заостана по купувањето на „Hamburg Sued“ од 4 милијарди долари во 2017-та година.

„Maersk“, која транспортира околу една петтина од светските контејнери по морски пат, спроведува нова стратегија за проширување на копнената логистика, каде што има поголем потенцијал за раст и повисоки профитни маржи. На почетокот на оваа година, превозникот со седиште во Копенхаген ги објави плановите да ја купи компанијата за воздухшен товарен транспорт, „Senator International“, барајќи присуство во сите делови на транспортниот синџир.

Со купувањето „Maersk“ ќе добие уште 10.000 вработени и над 200 магацини во 14 земји. Благодарение на аквизицијата, „Maersk“ ќе го зголеми годишниот приход на својот бизнис со логистика и услуги за околу 1 милијарда долари.

Продавачи се „Li & Fung“, која поседува 78,3% од „LF“ и „Temasek Holdings“, која го поседува остатокот од акциите.

Договорот доаѓа во време кога „Maersk“ остварува рекордни профити поради повисоките цени на превозот. Трошоците за транспорт на контејнери вртоглаво пораснаа откако проблемите во глобалниот синџир на снабдување всушност отстранија 15% од светскиот логистички капацитет. „Maersk“ е на пат да забележи нето добивка за 2021-ва година од 17 милијарди долари, што е шест пати повисоко од резултатите за 2020-та година, според аналитичарите.

Договорот ја исклучува шпедитерската единица на „LF“, која ќе остане сопственост на продавачите. „Maersk“ претходно соопшти дека нема да се фокусира на договори за шпедиција, туку ќе се фокусира на стекнување компании со логистички средства или специјализирани технологии.

Договорот се очекува да биде завршен во 2022-ра година по одобренијата од регулаторните органи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП