18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКомпаниите годинава ќе исплатат рекордни дивиденди

Компаниите годинава ќе исплатат рекордни дивиденди

Глобалните корпоративни дивиденди се очекува да достигнат рекордно високо ниво во оваа година, бидејќи закрепнувањето на деловната активност и зголемената побарувачка на потрошувачите го зголемуваат профитот за повеќето сектори погодени од пандемијата во минатата година.

„Reuters“ ги анализираше податоците на „Refinitiv“ за 3.394 глобални компании со пазарна капитализација од најмалку 1 милијарда долари. Вкупните исплати на акционерите се проценуваат на 1,37 трилиони долари во 2021-ва година, соопшти агенцијата.

Дивидендите паднаа минатата година поради пандемијата со Ковид-19, со регулаторни ограничувања и владини притисоци да се спречат плаќањата.

„Остриот пораст на исплатите на дивиденди од глобалните компании одразува нагло закрепнување на профитот по слабоста предизвикана од пандемијата. Исплатата на дивиденди се нормализира заедно со стабилноста на економијата и корпоративната доверба“, вели Џефри Дејли, виш портфолио менаџер во „BNP Paribas Asset Management“.

„Пазарите на капитал се достапни, а корпоративните биланси се силни, што дополнително ја зајакнува способноста на компаниите да ги зголемат дивидендите“, додаде тој.

Податоците покажуваат дека исплатите на европските компании во 2021-ва година се проценети на 252,4 милијарди долари, што е зголемување за 25% во однос на минатата година. Се очекува дивидендите во САД да пораснат на 562,3 милијарди долари, што претставува зголемување од 8,6%.

Рударските компании водат во исплатата на дивиденди, поттикнати од растот на цените на суровините кои се бележат годинава, покажуваат податоците.

Финансискиот сектор, исто така, се очекува да испорача повисоки дивиденди бидејќи глобалните централни банки, како што се Федералните резерви и Европската централна банка, ги олеснуваат ограничувањата за дивиденда и откуп, што ги наметнаа минатата година поради пандемијата.

На глобално ниво, 90% од компаниите или ги зголемуваат своите дивиденди или ги одржуваат стабилни, покажуваат податоците.

Статистиката покажува дека светските компании обезбедиле рекордни 403,5 милијарди долари во третиот квартал, што е за 22 отсто повеќе од истиот период во минатата година. Во исто време, дивидендниот принос на индексот „MSCI World“ е 1,72, понизок од просекот за 10 години.

„Прашањето што инвеститорите секогаш треба да го земат предвид е дали овие изгледи се соодветно вреднувани во цените на акциите“, вели Џонатан Спред, виш портфолио менаџер за глобални акции во „Mondrian Investment Partners“.

„Ние веруваме дека Јапонија ја има најдобрата комбинација на идниот раст на дивидендата и моменталната профитабилност, поддржана од силата на јапонските корпоративни биланси“, додаде тој.

Од големите земји, компаниите од Велика Британија нудат 12-месечен дивиденден принос од 3,4% во споредба со 2,2% за јапонските компании и 1,3% за американските компании.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП