29 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Милкица Ѓеринска, Пивара Скопје – златен партнер на Четвртата годишна...

Интервју со Милкица Ѓеринска, Пивара Скопје – златен партнер на Четвртата годишна конференција за е-трговија

Дел од поддржувачите на овогодинешната конференција за е-трговија е и Пивара Скопје како наш златен партнер. Разговараме со менаџерот за е-трговија во Пивара Скопје, г-ѓа Милкица Ѓеринска, на тема е-трговија, со посебен осврт на глобалните трендови во оваа дејност имајќи во предвид дека дел од портфолиото на производи од палетата на Пивара се светски брендови како Кола Кола и слично, начинот на кој се одвива B2B и B2C продажбата, што прави Пивара кога е во прашање дигитализацијата во работењето и кои се плановите за развој во иднина.

AETM: НА 12 НОЕМВРИ СЕ ОДРЖУВА 4-ТАТА ГОДИШНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА Е-ТРГОВИЈА, КАДЕ ПИВАРА СКОПЈЕ СЕ ПРЕТСТАВУВА КАКО ЗЛАТЕН ПАРТНЕР НА НАСТАНОТ. КАКО ГЛЕДАТЕ НА РАЗВОЈОТ НА Е-ТРГОВИЈАТА ВО ЗЕМЈАВА И ВО ГЛОБАЛНИ РАМКИ, КОИ СЕ ГЛОБАЛНИТЕ ТРЕНДОВИ И ВО КОЈА НАСОКА ЌЕ СЕ РАЗВИВААТ И ШТО МОЖЕ ДА ОЧЕКУВАМЕ КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ Е-ТРГОВИЈАТА ВО ВАШАТА КОМПАНИЈА?

Милкица Ѓеринска: Пивара Скопје е компанија која го темели својот развој на иновации. Тие се во фокусот на сите наши деловни операции, почнувајќи од производството, па сѐ до продажбата. Со помош на иновациите ние ја одржуваме нашата конкурентност, високата продуктивност и ефикасност во работењето, како и лидерската позиција на пазарот, за која од клучно значење е довербата кај купувачите и потрошувачите во уникатните вредности и можности на нашите брендови. Токму довербата е еден од столбовите на агендата на континуитет на она што Пивара Скопје како компанија го има вложено досега и сѐ работело посветено за да се одржи. За да го оствариме сето ова, ние постојано ги следиме глобалните трендови и новините во сите области кои имаат влијание на нашето работење. Една таква област се разбира е е-трговијата која во изминатиот период доживеа своевидна револуција, ползувајќи ги придобивките на дигиталната технологија и интернетот. Рапидниот пораст на е-трговијата во глобални рамки не ја заобиколи ниту нашата земја. Сведоци сме дека придобивките што ги носи продажбата преку интернет се повеќе се користи овде кај нас, а голема заслуга за популаризација на е-трговијата и за промоција на најновите глобални достигнувања во оваа област секако ја има и оваа конференција која секоја година на едно место собира импресивен lineup од експерти и практичари од чии искуства може многу да се научи. Како компанија сме навистина горди што сме дел од оваа конференција и што ја поддржуваме нејзината реализација. 

AETM: ОД СРЕДИНАТА НА 2019 ГОДИНА СТЕ ДЕЛ ОД ПИВАРА СКОПЈЕ, ВО МОМЕНТОВ НА ПОЗИЦИЈА MЕНАЏЕР ЗА E-TРГОВИЈА. ПЕРИОДОТ ПОСЛЕ ВАШИТЕ ПОЧЕТОЦИ ВО ПИВАРА СКОПЈЕ ЗАПОЧНУВА СО ПОЈАВАТА НА КОВИД-19 КОЈ ГО ПРОМЕНИ НАЧИНОТ НА КОЈ ФУНКЦИОНИРААТ ДУРИ И ГОЛЕМИТЕ КОРПОРАЦИИ И ГИ ПРЕДИЗВИКА ДА РАЗМИСЛУВААТ НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЦЕСИТЕ И ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ОНЛАЈН ПЛАЌАЊЕ. КОЛКУ БЕШЕ ТЕШКО ДА СЕ СООЧИТЕ СО ОВОЈ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК НА ПОЧЕТОКОТ ОД ВАШИОТ АНГАЖМАН ВО ОВАА КОМПАНИЈА?

Милкица Ѓеринска: Познато е дека кризните ситуации, покрај предизвиците што ги носат, нудат и можности. Се разбира Ковид-19 пандемијата предизвика промени и големи предизвици во многу области и индустрии, а едни од најпогодените беа трговијата, угостителството и туризмот. Но, токму ваквите предизвици, отсекогаш претставувале инспирација за компании како што е Пивара Скопје да бараат нови можности и дополнителен мотив со цел да се продолжи со развојот. Токму во еден ваков период исполнет со предизвици јас ја искористив можноста да се приклучам кон тимот на Пивара Скопје и да придонесам за развојот на системот за е-трговија во кој компанијата интензивно вложува, следејќи ги трендовите за дигитализација и онлајн купување кое во последниов период зема голем замав. Од денешна перспектива, после повеќе од две години од доаѓањето во Пивара Скопје можам да кажам дека постигнавме многу, благодарение на тимската работа и огромната желба да им овозможиме на нашите купувачи и потрошувачи едноставен и брз пристап до нашите производи и покрај ограничувањата што ги наметна пандемијата.

АЕТМ: ДЕЛ ОД ВАШИТЕ РАБОТНИ АНГАЖМАНИ СЕ ДА ГИ ИМПЛЕМЕНТИРАТЕ НАЈДОБРИТЕ ГЛОБАЛНИ ПРАКТИКИ НА COCA-COLA HBC И HEINEKEN НА ЛОКАЛНО НИВО. СЕКОЈДНЕВНО ИМАТЕ МОЖНОСТ ДА КОРИСТИТЕ KNOW-HOW ОД СВЕТСКИ ЕКСПЕРТИ И ДА ГО ПРИМЕНУВАТЕ НИВНОТО ЗНАЕЊЕ НА ЛОКАЛНИОТ ПАЗАР. ДАЛИ ТОА ВИ ЈА ОЛЕСНУВА СЕКОЈДНЕВНАТА РАБОТА И КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ СО КОИ СЕ СООЧУВАТЕ ПРИ ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА СИТЕ ОВИЕ ПРАКТИКИ НА ЛОКАЛНИОТ ПАЗАР?

Милкица Ѓеринска: За мене лично, а можам со сигурност да кажам дека тоа важи и за сите мои колеги, навистина е привилегија да се работи во компанија која е дел од водечките европски и светски системи во индустријата за пијалаци, а тоа се Coca-Cola HBC и HEINEKEN. Тие располагаат со навистина огромна база на специјализирано знаење и експертиза во сите клучни области, која постојано се дополнува со искуства од работењето на голем број пазари ширум светот. Тоа знаење, експертиза и практични искуства ни се достапни и на нас во Пивара Скопје и ние секако ги имплементираме во нашите проекти во сите области, вклучувајќи ја и е-трговијата. Се разбира, во овој процес ние се трудиме да ги вградиме и спецификите на нашиот пазар, водејќи сметка за навиките и потребите на нашите купувачи и потрошувачи, што дава извесна доза на уникатност и локализација на нашите проекти, што се цени и охрабрува од страна на групациите каде припаѓа нашата компанија. Дека тоа е така, сведочи и признанието од Coca-Cola HBC кое неодамна го доби тoкму нашата компанија Пивара Скопје, за најдобро имплементиран проект за е-трговија во рамки на целата групација. 

АЕТМ: НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД ПРОДАЖБИТЕ НА ВАШАТА КОМПАНИЈА СЕ ОДВИВААТ ПРЕКУ B2B КАНАЛОТ. ВО КОЈА НАСОКА РАЗМИСЛУВАТЕ ДА СЕ РАЗВИВА ОВОЈ СЕГМЕНТ НА ПРОДАЖБАТА ВО ИДНИНА КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ КОМПАНИИТЕ, ДАЛИ ВЕЌЕ ИМАТЕ ОНЛАЈН ПОРТАЛ ПРЕКУ КОЈ КОМУНИЦИРАТЕ СО НИВ? 

Милкица Ѓеринска: За Пивара Скопје, B2B сегментот традиционално претставува најзначајниот продажен канал. Него го сочинуваат голем број различни купувачи, почнувајќи од дистрибутерски центри, преку големи трговски ланци, хипермаркети, хотели, угостителски објекти, па се до локални продавници и минимаркети. Сите тие се особено важни и затоа со нив Пивара Скопје континуирано гради долгорочни партнерски односи кои се темелат на меѓусебна соработка, разбирање и доверба. Градењето и одржувањето на партнерски односи подразбира постојано следење на потребите на купувачите и креирање и имплементација на решенија кои ќе ја олеснат соработката и истовремено ќе ја зголемат ефикасноста, како на страната на купувачите, така и на страната на Пивара Скопје. За да се постигне ова, Пивара Скопје постојано воведува иновативни решенија кои се темелат на употребата на дигитални технологии и алатки. Најнова таква алатка е интернет порталот кој овозможува онлајн комуникација и нарачки на производи од страна на купувачите. Се работи за навистина современо софтверско решение, кое е едноставно за користење од страна на сите купувачи. Истото може да се користи преку компјутер, но и преку мобилен и секој паметен уред, што секако ја олеснува комуникацијата и работата, овозможувајќи реализација  и следење на нарачките во реално време, 24 часа / 7 дена во неделата. Интересен е фактот што на глобално ниво искористеноста на овој портал рапидно се зголеми, секако катализирано од новонастанатата ситуација и во моментов има активно регистрирани над 200.000 најразлични купувачи во рамките на Coca-Cola HBC групацијата.

АЕТМ: КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА СЕКОЈДНЕВНОТО РАБОТЕЊЕ И ПРОЦЕСИТЕ, ШТО ПРАВИ ПИВАРА СКОПЈЕ НА ОВАА ТЕМА? МОЖЕМЕ ЛИ ДА КАЖЕМЕ ДЕКА ВАШАТА КОМПАНИЈА ВЛОЖУВА РЕСУРСИ И ВРЕМЕ ВО НАСОКА НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И ШТО Е ОНА ШТО ГО ИМАТЕ ИМПЛЕМЕНТИРАНО ВО ПОСЛЕДНАТА ГОДИНА?

Милкица Ѓеринска: Дигитализацијата е високо поставена на агендата на Пивара Скопје. Во нашата компанија голем дел од процесите се веќе дигитализирани и симплифицирани, што ни дава можност да бидеме брзи, достапни и флексибилни  на промените, особено на оние кои беа поттикнати од Ковид-19.

Слободно можам да кажам дека нашата компанија со сигурност е една од водечките FMCG компании во земјава, а верувам и во регионот, по инвестирање, искористување и адаптирање на сите свои процеси преку најновите и достапни дигитални решенија. Со гордост можам да набројам некои од нив  што се Business Data Advance Analytic (BDAA) решенија базирани на напредни паметни алгоритми, што ни помогнаа подобро да ги разбереме потребите на купувачите и консументите, а со тоа да им ги понудиме најсоодветните и релевантни производи и промоции за секој од нив. Интересен е и начинот на кој е организиран делот во магацинот, преку користење на Smart Glasses во секојдневната работа, како и технологија за Vision Picking целосно прилагодена за користење преку гласовни команди, минимизирајќи ги можностите за грешка. Дополнително почнавме со тестирање и пилотирање на Image Recognition технологиите на пазарот, со цел да го максимизираме времето на нашите комерцијалисти  што ќе го посветат на клиентот. Исто така почнавме со воведување на RPA – Robotic Process Automation во нашето секојдневно работење, на тој начин оптимизирајќи ги и автоматизирајќи ги сите оперативни и повторливи секојдневни задачи, преку што ја зголемивме ефективноста и продуктивноста на нашите вработени.

Извор: ecommerce.mk

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП