Најголемиот светски малопродажен ланец за мебел, шведската компанија „IKEA“, остварила рекорден нето профит од 3,2 милијарди евра.
Тоа е зголемен раст на приходите од 8 отсто во однос на претходниот период, соопштија денес од компанијата.
Компанијата е релативно отпорна на економски падови, бидејќи во време на криза потрошувачите свесно се ориентираат кон поефтините производи, со што оваа шведска компанија е во предност, изјавуваат од компанијата.
„IKEA“ неодамна за прв пат јавно ги објави деловните резултати, а извршниот директор на компанијата Мајкл Олсон, истакнува дека „IKEA“ одлучила во магацините да држи големи залихи на роба, со цел да се подобри застапеноста во продавниците.
Приходите се зголемиле за 9,5 отсто на 27 милијарди евра, додека малопродажните ланци, отворени година дена или повеќе, остваруваат покачување на заработката од 4,6 отсто во локални валути, со што шведската компанија го зголемила својот удел на сите пазари.
Олсон истакна дека продажбата во Европа која е погодена од економската криза, останала на константно ниво во последните неколку години.
Тој предвидува дека растот во наредните неколку години ќе изнесува околу 5 отсто, бидејќи во тешки времиња потрошувачите се повеќе ги вреднуваат добрите цени и квалитетот, а „IKEA“ ширум светот е позната по широкиот асортиман на таквите производи.