25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПанел дискусија на тема ‘’Економско јакнење на жените’’

Панел дискусија на тема ‘’Економско јакнење на жените’’

Во рамките на Неделата на женски права и родова еднаквост, Американската стопанска комора (АмЧам) и Националниот демократски институт (НДИ) беа домаќини на панел дискусија на тема ‘’Економско јакнење на жените’’.

Американската амбасадорка Кејт Брнс, пратеничката Лилјана Затуроска, државната секретарка при Министерството за труд и социјална политика Јована Тренчевска, директорката за национална продажба на АВОН Дана Стојкова, истражувачката од Реактор Снешка Илиќ, главниот извршен директор на ЕВН Штефан Петер и извршната директорка на Американската стопанска комора Дијана Десподов, дискутираа за моменталната економска состојба на жените, како и за механизми за рамноправно учество на жените во економскиот, политичкиот и општествениот живот.

Клучните забелешки кои произлегоа од дискусијата се дека е неопходна имплементација на мерки за зголемување на учеството на жените во економијата, како поделено родителско отсуство, флексибилно работно време, и повеќе институции за згрижување на деца и стари лица; конзистентност во политиките кои нема да се менуваат со секоја политичка гарнитура; координација и соработка помеѓу различните чинители во општеството во насока на економско јакнење на жените, особено во руралните области; обезбедување социјална сигурност за жените кои се самовработени; применување на добри практики и примери од други економии; како и надзор над имплементацијата на политиките и мерење на нивната ефикасност.

Американската амбасадорка Кејт Брнс ги запозна присутните со мерките на Владата на САД за економски јакнење на жените ширум светот преку Глобалната иницијатива за развој и просперитет на жените (W-GDP), истакнувајќи дека зголеменото учество на жените во економијата може да го зголеми глобалниот БДП за 12 трилиони долари до 2025 година.

Пратеничката Лилјана Затуроска го претстави стратешкиот план на Клубот на Пратенички за јакнење на економската моќ на жената кој ќе се фокусира на зголемено учество на жените на пазарот на трудот, родово буџетирање, и подобро остварување на правата од работен однос и истакна: ,,Се додека општеството не го прифати економскиот развој на жената како механизам за развој на економијата, не можеме да очекуваме резултати.’’

Истражувачката Снешка Илиќ ги претстави резултатите од истражувањето за родова дискриминација и работнички права во земјава: ,,Резултатите покажуваат дека дури 66% од испитаничките кои биле на најмалку едно интервју за работа во последните десет години сметаат дека биле дискриминирани при вработувањето со прашања поврзани со нивната брачна и семејна состојба и планови.”

Претставниците од приватниот сектор говореа за мерки и иницијативи за привлекување на поголем број жени, особено во традиционално машките индустрии, а генералната секретарка на МТСП ги претстави активните мерки за вработување таргетирани кон жените.

АмЧам заедно со своите членки и партнери продолжува посветено да работи во насока  на рамноправно учество на жените на пазарот на трудот и зголемување на нивната економска моќ бидејќи инвестирањето во жените има мултиплицирачки ефект – тие ги реинвестираат своите примања во своите семејства и заедници притоа придонесувајќи кон поголем просперитет на целото општество.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП