2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИAdria Airways ја приземји флотата, ТАВ преговара за нови дестинации

Adria Airways ја приземји флотата, ТАВ преговара за нови дестинации

Словенечки Adria Airways привремено престана да лета до повеќе дестинации меѓу кои и Скопје. Од друга страна македонскиот аеродромски оператор ТАВ прави напори за воведување нови дестинации. Холдингот ќе побара и продолжување на концесијата.

Нема летови од и до Љубљана

Adria Airways ја приземји флотата. Словенечката авиокомпанија привремено ги прекина речиси сите летови вклучувајќи ги и оние од и кон Скопје. Авионот ниту слета во 13 и 50 ниту полета во 14 и 40.

„Сите засегнати патници се поединечно известени и билетите ќе им бидат заменети на наша сметка. Тие ќе стигнат до крајните дестинации преку други авиокомпании“ велат од претставништвото на Adria Airways во Скопје.

Ова е единствената куса информација што успеавме да ја добиеме. За се останато не препратија во централата во Љубљана. Таму никој не одговара на телефонските повици, а единствениот став е официјалното соопштение во кое стои дека мерката е привремена и ќе трае два дена.

„Ги советуваме патниците да проверат кој е нивниот авиопревозник пред да пристигнат на аеродромот. Доколку тоа е Adria Airways треба да се обратат онаму каде ги купиле билетите… Компанијата длабоко жали за оваа ситуација и им се извинува на сите патници и партнери“ се наведува во соопштението од авиокомпанијата.

Откажувањето на летовите доаѓа откако компанијата не доби четири милиони евра од словенечката Влада, пари кои требаше да помогнат да се надмине неликвидноста. Adria Airways од поодамна се соочува со финансиски проблеми.

Авиопревозникот леташе кон и од Скопје седум дена во неделата, а преку Љубљана нудеше конекции со повеќе европски метрополи.

Приземјувањето на авионите на Adria се случува само еден ден откако британскиот туроператор Thomas Cook прогласи банкрот со што над половина милион патници останаа заглавени низ сите континенти. Минатата недела и француската авиокомпанија XL Airways престана да лета.

Ваквите турбуленции на светскиот пазар веќе предизвикаа пораст на цените на најголем дел од авиобилетите.

ТАВ прави напори за нови авио линии

Од друга страна македонскиот аеродромски оператор ТАВ прави напори за зголемување на бројот на летови и дестинации, но главниот и извршен директор на холдингот смета дека Македонија треба да се обиде да формира и национален авиопревозник.

„Авиосекторот во Македонија напредува многу добро, а нам ни треба национален авиопревизник. Се надевам ќе имаме бизнисмен или Владата ќе се одлучи да воведе национален авиопревозник затоа што на овој начин ќе помогне многу на економијата“ изјави Сани Шенер, главен извршен директор на ТАВ Холдинг. „Во моментов Turkish Airlines до некаде ја има таа улога. Кога ги започнавме нашите операции во Македонија во 2010-та година оваа компанија леташе од и кон Скопје само четири пати неделно, а сега тоа го прави 14 пати. Авиобизнисот функционира на принципот на понуда и побарувачка“ вели тој.

Од скопскиот аеродром во моментов се лета до 44 дестинации. ТАВ преговара и со други авиокомпании за влез на македонскиот пазар, а се прават напори и за директно поврзување со Соединетите Американски Држави и со Канада. Сепак, тоа е многу скапо и компаниите бараат финансиска поддршка.

„Тие се многу конзервативни во поглед на трошоците, бараат на тој начин еден вид поддршка од Владата, некакви субвенции или слично. Кога ќе дојдеме до најдоброто време и најдобрата формула ќе можеме да почнеме со такви летови“ вели Шанер.

ТАВ влезе на мекедонскиот пазар пред една деценија. Оттогаш имаат инвестирано 120 милиони евра во аеродромите и имаат платено речиси 50 милиони како концесиски надоместоци и даноци.

ТАВ сака да ја продолжи концесијата

Холдингот ТАВ сака да остане во Македонија и по истекот на концесијата која трае уште десет години. Оттаму велат дека за ова се подготвени да направат и дополнителни инвестиции.

„Секако дека ова нема да биде бесплатно, треба да имаме и други инвестиции на аеродромите и да ја подготвиме Македонија за некој иден развој затоа што забележува добар пораст. Оваа година очекуваме пораст од три проценти, вашиот БДП е зголемен, тоа е особено добро. Ќе бидете земја членка на ЕУ и многу работи ќе се сменат, што значи дека ќе мора да ги подготвиме аердромите за идниот пораст што треба да се случи во Македонија“, вели Сани Шенер, главен извршен директор на ТАВ Холдинг.

Откако ТАВ дојде во Македонија бројот на патници е зголемен четирикратно и се очекува годинава да достигне 2.7 милиони.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП