28 април, 2024
ПочетнаКОЛУМНИМисла на неделата - Јужна Заминисимуја

Мисла на неделата – Јужна Заминисимуја

Јужна Заминисимуја е држава која иако е дел од еден полуостров во Европа сепак не излегува на море. Иако делена меѓу соседите, парчена, прекројувана низ вековите сепак Заминисимуја била крстосница на култури, вери и цивилизации. Има една песна “…. Има уште два, три дела за да биде цела … “.

Како независна држава постои 30-тина години, излезена од заедница на полустровските држави и сега после толку години независност се уште се мачи со економска неразвиеност, политичка нестабилност и иселување на млади но и други лица надвор од државата.

Во Заминисимуја живее еден човек по име Црни Неделко (Неделко затоа што бил роден во Недела). Неделко е инжинер по технички науки и Магистер по општествени науки. Уште од мали нозе одличен во училиштето и му беа предвидувани големи достигнувања во животот и кариерата. Но животот баш не се сложуваше со тоа. Кога беше млад човек беше млад и надежен, но сега во петтата деценија од животот беше само (не)надежен. Сепак, Неделко секогаш беше позитивен за се и голем оптимист. Кога заврши факултет му се јави дугарот што се исели во Австралија и го покани да дојде т.е да се исели, но Неделко убеден во своите способности реши да остане во Заминисимуја и да ја гради својата среќа дома.

Но како што поминуваа годините трпението кај Неделко се намалуваше. Сакаше конечно да се средат работите и земјата да тргне напред а не да оди еден чекор напред, а назад два. Се обидуваше со својата општествена дејност да ги смени работите на подобро но пополека се фрустрираше затоа што не гледаше никаков ефект. Сепак, беше убеден дека има неколку области кои мора да се сменат по секоја цена за да тргнат работите кон подобро за сите.

        На прво место беше правoсудството.

Неделко не можеше да сфати како може да има судски спорови кои траат со години. Како за некого важеа законите и прописите, а како за некого не. И опозицијата но и позицијата кога беше во опозиција ја обвинуваа власта дека краде, се збогатува на незаконски начин. Но кога ќе дојдеа на власт никој не одговараше, односно никој не беше осуден за криминал.  Имаше времиња кога гарнитурата на власт притворот го користеше како казна, но во основа судот (судиите) ги одредуваа овие мерки. Се прашуваше колкаво е навистина влијанието на политичарите врз судиите?

Власта во Заминисимуја беше поделена на законодавна (Собрание), извршна (Влада) и судска. И по дефиниција судската власт беше независна, но не е така. Можеби, мислеше Неделко, тоа е така затоа што Собранието ги избира судиите и обвинителите. На тој начин, иако со свој буџет, судиите беа под влијание и подложни на притисок. Ако навистина беа трета власт тогаш зошто и судиите или барем обвинитиелите не се избираат на непосредни избори со освоено просто мнозинство гласови од граѓаните. Неделко веруваше дека судството има доволен капацитет и сопствен буџет за да спроведе вакви избори. Само на тој начин обвинителите навистина ќе бидат вистински претставници на својот народ. Бидејќи нели, се суди за и во име на народот. Неделко секогаш тргаше од себе и прво во себе ги бараше причините за неуспех но и тоа што треба да смени на себе за да ги подобри работите, па затоа му беше нејасно зошто правниците молчат. Зошто не го кренат својот глас и преку сопствени органи, судски совети, комори и друго се изборат за независност но и за поголема етичност и ефикасност во струката и работата.

        На второ место беше образованието.

Како родител беше вчудоневиден што се и колку учеа неговите деца, но од друга страна да имаат толку малку практични знаења. Наставата и наставниците се повеќе стануваат адмисинстративни односно административци. Не му беше јасно како може скоро по сите предмети писмените тестови да бидат со закружување или со шаблонски одговори. Имаше случај каде за точен одговор од ученик но даден со свои зборови, а не со предвидените по шаблонот, дадениот одговор да биде прогласен за неточен. Феноменот милениалс се однесуваше на децата од новиот милениум но и во образование како да се бараше да не се користат многу зборови туку да се заокружи едниот од понудените одоговори. Каде е тука креативноста и способноста единката да размислува со своја глава. Во животот и во конкретни ситуации во животот нема понудени опции па да се заокружи (избере) точниот одговор. Од друга страна Заминисимуја беше држава со голем број факултети и високо образовани по глава на жител, а сепак имаше значителен број на студенти но и завршени кадри кои се буквално неписмени.

        На трето место е медицината, односно здравствената заштита

Црни Неделко пред неколку години го изгуби својот татко поради мозочен удар. Докторот што го прими татко му во болница не го препозна (дијагностицира) ударот, па дозволи да поминат повеќе од минимум дозволените часови за да се реагира со терапија за да се разбие тромбот. Кога стариот му беше испратен во специјалистичката болница се што можеше е да се чека. Но…….. Она што го болеше Неделко е дека не се најде јунак меѓу докторите да излезе пред него и да му изрази сочувство и да му објасни зошто се случило тоа што се случило.

Неделко, друг пат, жестоко се искара со медицинскиот персонал кога сакаа на дислоцираното рамо на неговата мајка да стават гипс. “Па добро”, зборуваше тој во друштво, “Како може човек кој ја положил Хипократовата заклетва дека ќе му помага на човека, луѓето да ги гледа како предмети или само како можност за дополнителна заработка”. Да не го споменуваме тука погрешно поставениот ситем за здравствена заштита во државата бидејќи болници се распаѓаа, медицински кадар фалеше а веќе предхотно споменатиот интегритет и способност на докторите и медицинскиот персонал беше под знак прашање.

        На четврто место е децентрализацијата

Во Заминисимуја се беше сконцентрирано во главниот град ГГ. Секоја чест на исклучоците, но за администратвни работи оди во ГГ, за подобри училишта и факултети во ГГ, за лечење во ГГ за …. во ГГ.

Црни неделко се мислеше и заклучи дека има само две опции за подобро утре. Едната е да покрене иницијатива Јужна Заминисимуја да стане колонија со одредена доза на самостојност на САД, Германија или некоја друга економски и демократски развиена држава. Колонијализмот да трае 199 години, но законите на земјата колонизатор да почнат веднаш да важат во Јужна Заминисимуја. Втората опција е да му се јави на другарот во Австралија и да го замоли да му прати гарантно писмо за него и неговото семејство.

Другиот ден Неделко се јави кај другар му во Австралија.

Почитувани читатели, приказната е измислена. Сите сличности со авторот на текстот и со нашата татковина се намерни.

М-р Раде Чоловиќ

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

За англиска верзија кликнете ТУКА For english version click HERE

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП