16 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИБошковски: Инвестираме за да обезбедиме стабилна енергетска иднина

Бошковски: Инвестираме за да обезбедиме стабилна енергетска иднина

elem1

Долгорочна стратешка определба на менаџментот на АД ЕЛЕМ е зголемување, проширување и надградба на капацитети за производство на електрична енергија, но со врвен приоритет врз оптимизацијата на производството во економска, финансиска и технолошка смисла.

– Наша цел е преку оптимизација да постигнеме минимално ниво на трошоци, но преку призмата на максимизација на продуктивноста и искористеноста на ресурсите. Само така ќе останеме на трасата на самоодржливост која е врвна цел. Ние  ќе продолжиме да градиме капацитети  и да ги зајакнуваме перформансите на оние  објекти што веќе ги имаме на располагање.  Тоа на долг рок ќе ја направи Република Македонија енергетски независна земја, посочува Бошковски.

Владата, нагласува, преку ЕЛЕМ  инвестира во домашно производство.

– Верувам дека за десетина години отсега, енергетската слика на Република Македонија ќе биде значително подобрена со нови извори на електрична енергија.  Иако во последниве години се преземени огромни инвестиции во енергетски проекти, резултатите и придобивките од нив  можеме  да ги очекуваме за четири до шест години од сега, потенцира Бошковски.

Инвестираме, додава, за да обезбедиме стабилна енергетска иднина за идните генерации.

– Наша цел и долгорочна корпоративна определба е како компанија во континуитет да инвестираме во нови енергетски проекти кои дополнително ќе обезбедат стабилен и доверлив електро-енергетски систем. Работиме на проекти за модернизација и ревитализација на постојните електрани со кои располагаме, како и на изградба на нови производни капацитети.

АД ЕЛЕМ, нагласува, гледајќи во подалечна перспектива, продолжува и со активностите за активирање нови лежишта на јаглен со цел продолжување на животниот век на термоелектраните Битола и Осломеј.

– Во моментов, во рудникот Суводол засилено течат активности за целосно отворање за експлоатација на подинската јагленова серија. Се работи на ископ на усекот за отворање на рудникот и изградба на бунари за одводнување, проект во кој инвестиравме 2,5 милиони евра. За  проектот за истражување на јагленовото  наоѓалиште Живојно, АД ЕЛЕМ инвестира 2,8 милиони евра за геолошки и геотехнички доистражувања и испитувања. Станува збор за рудник од кој јагленот ќе се вади со примена на подземна технологија за експлоатација. Почетните проценки се дека геолошките резерви се околу 100 милиони тони јаглен. Сегашните проценки се дека во овој рудник, АД ЕЛЕМ ќе инвестира околу 100 милиони евра, а реализацијата би започнала по изработката на Главниот рударски проект, прецизира Бошковски.

Тој истакна дека е во тек и изработката на Главен рударски проект за отворање рудник за јаглен со подземна експлоатација во Мариово.

– Во текот на 2010 и на 2011 година се завршени деталните геолошки истражувања и започнавме со изработка на проект за отворање рудник и експлоатација. Експлоатациските резерви се проценети на 62 милиони тони. Изработката на главниот  проект е во завршна фаза, а како идна активност ќе следи и изготвување на физибилити студија за изградба на нова термоелектрана од 250-300 мегавати. Заедничката вредност на целиот зафат  иницијално е проценета на околу 400 до 450 милиони евра, прецизира Бошковски.

Во интервјуто за МИА генералниот директор на АД ЕЛЕМ зборува и за ревитализацијата на електраните, за новата ХЕЦ „Света Петка“, за паркот на ветерни електрани „Богданци“, за подготвителните активности  поврзани  со проектот ХЕЦ „Бошков Мост“, за проектите Луково Поле, Чебрен, Галиште и Вардарска Долина, како и за гасификацијата на Македонија и за цената и потрошувачката на електричната енергија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП