22 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИAzure и Office 365 и помогнаа на Microsoft да ги надмине прогнозите

Azure и Office 365 и помогнаа на Microsoft да ги надмине прогнозите

Американската технолошка компанија „Mircosoft“ ги надмина прогнозите на „Wall Street“ за тримесечниот профит, откако успеа да привлече повеќе компании кон нејзините облачни услуги во „Azure“ и кон „Office 365“, пренесува „Ројтерс“.

Голем дел од неодамнешниот раст на „Microsoft“ е поткрепен од бизнисот со облачни услуги, бидејќи се повеќе компании се обидуваат да ги намалат трошоците за складирање на податоци, така што користат софтвер базиран на облак и ги пренесуваат своите апликации во центри за податоци.

Главниот облачен производ на компанијата – „Azure“, кој се натпреварува со „Amazon Web Services“, објави 93% раст на приходите за третиот фискален квартал, кој заврши на 31-ви март.

Растот на „Azure“ го пласираше „Microsoft“ на второто место на пазарот на облачни услуги, кој достигна 15,6 милијарди долари. Компанијата сега има 14% удел на пазарот, пласман по „Amazon Web Services“ кој има 32%, според „Canalys“.

Акциите на „Microsoft“ ја зголемија својата вредност за речиси 30 отсто во изминатата година. Како резултат на извештајот, нивната цена се зголеми за 2,1% за време на пост-трговијата до 94,26 долари.

Приходите од единицата за продуктивност и бизнис процеси на „Microsoft“, која го вклучува „Office 365“, се зголемиле за 17% до 9 милијарди долари, надминувајќи ја просечната прогноза на аналитичарите за 8,73 милијарди долари според „Thomson Reuters I/B/E/S“.

Приходите од делот „More Personal Computing“ скокнаа за 13 отсто на 9,9 милијарди долари.

Кристин Честер, висок менаџер за финансии за „Microsoft“ за односи со инвеститорите, рече дека овој раст е „поголем од очекуваниот“.

Вкупните приходи на „Microsoft“ се зголемија за 16 отсто на 26,82 милијарди долари, што повторно ги надмина очекувањата за 25,77 милијарди долари.

Нето добивката достигна 7,42 милијарди долари или 95 центи по акција, од 5,49 милијарди долари или 70 центи по акција пред една година. Аналитичарите очекуваа 85 центи по акција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП