3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Фени“ ќе се реорганизира најрано за еден месец

„Фени“ ќе се реорганизира најрано за еден месец

Најрано за еден месец банките и стечајниот управник на „Фени“ треба да направат планови за реорганизација на фабриката откако денеска едногласно Одборот на доверители изгласа стечајот на комбинатот да биде преку реорганизација.

Банките и стечајниот управник се задолжени да направат одделни планови за реорганизација. Имаат рок од најмалку 30, а најмногу 45 дена да го направат планот. По кој план ќе се одвива реорганизацијата, ќе одлучи Собранието на доверители.

На денешното рочиште за стечајот на „Фени“ во велешкиот суд беше утрвдено дека за долговите на комбинатот кои ги утврди стечајниот управник пристигнале 33 приговори од кои повеќето се отфрлени и утврдената сума за вкупниот долг од 76,5 милиони евра што го има комбинатот нема значително да се менува.

По рочиштето, Пецо Ристовски, претседател на Синдикатот на вработени во индустријата, енергетиката и рударството, рече дека се надева дека стечајот нема да трае долго, очекува сите вработени да останат на работа и да земаат плати.

Во фабриката веќе се подготвува рестартирање на производната линија откако Одборот на доверители на „Фени“ во стечај склучи договор со швајцарското друштво GSOL за преработка на никелова руда за месечен надомест од 1.200.000 евра. Фабриката ќе почне со работа кога ќе заврши набавката на руда. Швајцарците најавија дека сите вработени остануваат на работа, а средствата од 1,2 милион евра се наменети за плати и трошоци за фабриката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП