Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје во соработка со Националната и универзитетска библиотека од Љубљана, на 7 ноември ќе ја организира манифестацијата „Денови на словенечка книжевност во Република Македонија“.
На свеченото отворање на оваа манифестација што ќе започне во 11 часот, ќе се обратат Сенка Наумовска, в.д. директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, г-а Мартина Розман Салобир, директор на Народната и универзитетска библиотека од Љубљана и проф. д-р Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Македонија, а ќе биде потпишан и нов договор за соработка меѓу националните библиотеки на Република Македонија и на Република Словенија.
Во продолжение на манифестацијата ќе се одржи книжевна средба со афирмираните словенечки автори Иво Светина, претседател на Друштвото на словенечки писатели, Јуриј Худолин и Станка Храстељ, на којашто писателите ќе прочитаат извадоци од нивното творештво, а преводот на македонски јазик ќе го прочита Дарко Спасов, книжевен преведувач. Осврт за творештвото на авторите од Словенија ќе има проф. д-р Александар Прокопиев, кој ќе ја води средбата и разговорот со нив.
Посетителите ќе можат да ја проследат и песната „Т’га за југ“ од Константин Миладинов на македонски и во превод на словенечки јазик, во интерпретација на студенти од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ под менторство на проф. д-р Лидија Аризанковска, а потоа ќе биде отворена изложба на книги од автори од Словенија преведени на македонски јазик, објавени во Република Македонија во периодот од 1991 до 2017 година.
Со почеток во 12 часот и 30 минути во Центарот за конференции и студии на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје ќе се одржи тркалезна маса на тема „Книжевниот превод како предизвик и неопходен процес“, а модератор на дискусијата ќе биде проф. д-р Александар Прокопиев.
Во рамки на манифестацијата, во галеријата „Остен“, во 19 часот ќе биде отворена изложба на дела од словенечки сликари од колекцијата Остен – Музеј на цртеж.