3 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПовардарие ќе го исплати долгот кон лозарите до крајот на годината

Повардарие ќе го исплати долгот кон лозарите до крајот на годината

Винарската визба „Повардарие“ целосно ќе го исплати долгот за откупеното грозје кон лозарите до крајот на оваа година.

Оваа одлука произлезе од денешниот состанок на лозарите со менаџментот на винарската визба, кој се одржа во Неготино, а во присуство на претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и новиот градоначалник на Неготино, Тони Делков. Средбата беше организирана од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел итно да се најде решение за исплата на долговите што визбата ги има кон лозарите.

Како што соопшти Министерството, на состанокот раководство на ВВ „Поварадарие“ изразило уверување дека ќе бидат комплетно расчистени долговите кон лозарите за преземеното грозје за 2014, 2015 и за 2016 година. Од винарската визба посочиле дека имаат залихи за извоз во странство од чијашто продажба ќе се се реализира исплатата на долговите кон лозарите.

Оваа состојба ја потврди Државниот инспекторат за земјоделство, кој изминатите денови изврши контроли во В.В „Повардарие“ и утврди дека визбата има залихи на вино.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вчера изјави дека има потпишано решенија со кои се одобрува продажбата на вино од залихите на винарската визба, но под услов со тие финансиски средства да бидат исплатени лозарите.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство внимателно ќе ја следи состојбата со текот на исплатата, и во тој контекст МЗШВ на секои 15 дена ќе прави контрола за количините на извезено вино, уплатата на финансиските средства за истото и исплатат кон лозарите“, се додава во соопштението. Првично долгот на ВВ „Повардарие“ кон лозарите беше 3,5 милиони евра, а сега изнесува околу еден милион евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП