Продавниците за трговија на мебел „IKEA“ остварија продажба на мало во износ од 38,3 милијарди евра, вклучувајќи ја онлајн трговијата, за фискалната година до крајот на август. Сумата е со 5% повисока во однос на претходната година, соопшти компанијата одговорна за франшизата, „Inter IKEA“.
Кон крајот на овој период трговецот на мало имал 403 продавници на вкупно 49 пазари во светот.
Во претходната фискална година, до крајот на август 2016-та година, вкупната продажба на мало се зголеми за 8%.
„Во фискалната 2018-та година се планирани 22 нови продавници „IKEA“ што вклучува нови пазари во Индија и Латвија, како и континуираното ширење на нови формати и проширување на електронската трговија“, вели „Inter IKEA“ во соопштението.
„На долг рок продолжуваме да проучуваме нови начини за да привлекуваме клиентите на постојните и потенцијалните нови пазари со фокус на Југоисточна Азија и Јужна Америка“, додаде компанијата.
Продавниците „IKEA“ се сопственост на 11 франшизи, од кои „IKEA Group“ е најголемата со 355 продавници.