26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОАБА лига: МЗТ го чека Партизан, капитенот Стојановски посакува победа

АБА лига: МЗТ го чека Партизан, капитенот Стојановски посакува победа

Вечерва со натпреварите Цедевита-ФМП и МЗТ-Партизан ќе почне новата сезона во регионалното кошаркарско натпреварување, АБА. Изминатите три сезони титулата ја освојуваше Црвена звезда, која и покрај бројните промени во ростерот повторно е најголемиот фаворит за освојување на трофејот. Покрај Црвена звезда, во потесниот круг фаворити за титулата се вбројуваат Цедевита и Будуќност.

Македонски репрезент и оваа сезона ќе биде шампионот од Аеродром, екипата на МЗТ. „Штрковите“ во новата сезона влегуваат со нов тренер, Александар Тодоров се врати во клубот и со целосно изменет тим во однос на претходната сезона, во која дури во финишот МЗТ избори опстанок.

Клубот, кој сезонава работи со намален буџет, се определи во тимот да има најмногу домашни играчи (сите тие се репрезентативни кандидати), а од странците тука е Јуре Лалиќ, кој беше во тимот и во претходната сезона, односно Американците Ерик Гарсија, Даниел Џенсен и Брет Бери.

МЗТ новата сезона ја отвора вечерва од 20 часот во СЦ „Јане Сандански“ против шесткратниот АБА шампион, белградски Партизан.

„Добро работевме во подготвителниот период. Подготвени влегуваме во новата сезона, се надевам дека ќе ја започнеме со победа. Го гледавме Партизан. Знаеме дека е нова екипа, млада, доста трчаат. Ќе мора да ја одбраниме таа нивна транзиција, а во нападот да знаеме каде треба да нападнеме и да бидеме ефикасни“, вели капитенот Дамјан Стојановски, кој остана во МЗТ откако целата претходна сезона ја пропушти поради повреда.

„Очекуваме подобар пласман од минатата сезона. Сите екипи во АБА лигата се засилуваат, сите имаат добри ростери. Лигата е намалена, ќе биде тешко. МЗТ направи реконструкција на тимот, буџетот е скратен, тимот е подмладен, акцентот е ставен на домашните играчи, што мене лично ме радува. Имавме можност да гледаме три нивни натпревари, два во АБА Суперкупот и мечот со Фенербахче. Реално тие се во иста положба како и МЗТ, со намален буџет се, немаат некои изразени ѕвезди. Партизан има млади играчи, кои добро трчаат“, се надоврза на зборовите на капитенот, центарот Бојан Трајковски, кој од оваа сезона е дел од тимот на МЗТ.

Во таборот на МЗТ се надеваат дека оваа од сезона повторно ќе ја имаат поддршката од навивачката група „Фемили Аеродром“, која претходните сезони ќе бојкотираше натпреварите на МЗТ.

Реално има муабети дека оваа сала ќе изгледа онака како што доликува. Се надевам дека „Фелими Аеродром“ ќе дојдат во што е можно поголем број. Се надевам дека ќе се вратат, тие се шести играч“, рече Трајковски.

Покрај Цедевита и ФМП (петок, 18 часот) и МЗТ-Партизан (петок, 20 часот), во првото коло ќе играат: Будуќност-Задар (сабота, 21 часот), Мега Бемакс-Цибона (недела, 19 часот), Црвена звезда-Морнар (21 часот) и Олимпија-Игокеа (понеделник, 21 часот).

Инаку од оваа сезона ќе се игра и втората АБА лига, каде преставник на Македонија ќе биде Охрид. Шампионот во АБА 2 ќе избори пласман во најквалитетната регионална конкуренција. Исто така, АБА од оваа сезона ќе организира и јуниорски турнири, на кои ќе учествуваат десет екипи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП