28 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУОлгица Ѓоргиева: Деловната жена треба многу да внимава на својот изглед

Олгица Ѓоргиева: Деловната жена треба многу да внимава на својот изглед

olgica1

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ СО ОЛГИЦА ЃОРГИЕВА

 

1. Од 2005 година активно сте на македонската модна сцена, може ли да дадете оценка колку модата во Македонија се менуваше оттогаш до денес?

Се менуваше, се менува и ќе продолжи да се менува. Модата во Македонија имаше повеќе осцилации. Се движеше од крајност во крајност. Би можела со задоволство да кажам дека последните неколку години завзема еден малку поинаков тек. Почнаа да се случуваат поголеми модни настани кои секако многу придонесуваат за развојот на нивото и свесноста за модата. Поголемата достапност до информации исто така си го направи своето. Прогресот и развојот во однос на модата, модните случувања и активности се се почести и полека се издигаат на повисоко ниво што е многу важен момент.

olgica3

2. Како една дама треба да изгледа на своето работно место?

Изгледот многу зависи и од типот на работното место. Меѓутоа, кога станува збор за една деловна жена, многу треба да се внимава на својот изглед. Облеката не е само парче ткаенина, таа е енергија, порака која вие треба да ја испраќате. Многу е тешко кога треба да оставите впечаток по втор пат или да го поправите првиот. Човечкиот организам е создаден работите прво визуелно да ги доживува и првичниот впечаток го добива на база на таа визуелизација. Деловниот свет бара елеганција. Таа секогаш добар стилски избор и никогаш не може да се погреши со неа. Секако тука не се само елегантните парчиња, потребно е да се има стил за сето тоа вкусно да се искомбинира и да се изгледа модерно, елегантно и соодветно за работната позиција. Доколку чувството за стил изостанува, можам слободно да го спомнам фактот дека постојат луѓе кои можат професионално да се занимаваат со вашиот стил и правење добар концепт каков треба да биде целокупниот изглед.

 

3. Кој е според вас совршениот деловен изглед?

Мудро одбрани парчиња облека и добра смисла за стил можат да направат чуда. Не е потребно да имате полн плакар облека за да изгледате совршено. Напротив, треба да ги имате вистинските (основни) парчиња со кои после тоа вклучувајки ја и фантазијата можете да правите навистина креативни комбинации.
Совршен изглед не подразбира само добро одбрана облека, туку тоа е еден спој на соодветен третман на целокупниот изглед. Како физички, така и духовен. Ако морам да спомнам неколку парчиња која секоја деловна личност треба да ги поседува, тоа би биле добар пар црни чевли, црн фустан, добро одбран модел на чанта, мантил, добар крој на елегантен костим, бела кошула итн.

 

4. Пример за останатите како треба да изгледа една деловна жена?

Не премногу работи на себе. Не премногу мешање на бои. Линијата и комплетниот изглед да биде сведен на минимум, прочистен и надополнет со соодветни модни додатоци.

olgica4

5. Верувате ли дека понекогаш и стилот е важен за успех на деловно поле?

Секако дека е важен. Не е пресуден ( а понекогаш може и да биде), меѓутоа е многу битен. Среден деловен човек остава впечаток на организираност, одговорност и потреба за почитување. Иако не е во ред да се донесува мислење за човек врз база на тоа како изгледа, сепак спомнавме дека човекот прво визуелно ги доживува луѓето.

 

6. Неодамна најавивте комерцијална колекција која ќе биде посветена токму на младите и урбани деловни жени. Какви парчиња може да очекуваме? Што ќе ја обележи оваа колекција?

Првата комерцијална колекција која ќе излезе под моето лого ќе биде наменета за модерна, урбана, деловна жена. Тоа претежно ќе бидат основни парчиња кои се потреба за секојдневните деловни изгледи. После тоа таа колекција нормално ќе се развива и ќе се проширува, со оглед на барањата и потребите на купувачите. Ако се биде како што се планира, колекцијата ќе излезе во Септември оваа година и јас искрено се надевам дека ќе задоволам повеќе деловни стилови и вкусови.

olgica2

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП