20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТевдовски: Ребалансот се темели на проекција од раст на БДП од 0,22...

Тевдовски: Ребалансот се темели на проекција од раст на БДП од 0,22 отсто

Со ребалансот на буџетот патните трошоци на Владата и институциите се намалени 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) 257 милиони денари, рече денеска министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците образложувајќи го прекројувањето на државната каса.

Ова, потенцира Тевдовски, е една од главните цели на ребалансот – намалување на непродуктивните трошоци кои се во рацете на власта и обезбедување простор за мерки што ќе значат зајакнување на социјалната кохезија меѓу граѓаните и поддршка на домашните претпријатија.

– Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари или во релативен износ 2,9 отсто од БДП. Вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси во согласност со остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за речиси две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со буџетот, а договорните услуги се намалени дури 902 милиона денари, без здравствените услуги преку Фондот за здравство – истакна министерот.

Со ребалансот капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.

Дополнителни 1,2 милијарда денари се додаваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, како и дополнителни 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението. За зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните, се алоцирани дополнителни 600 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување.

Обезбедени се и средства за субвенционирање на минималната плата, со цел таа да се зголеми на 12.000 денари од септември. Со оваа мерка се предвидува поддршка за работодавците во износ од 70 отсто од потребниот пораст на бруто-платата.

– Ребалансот се темели на најконзервативна проекција на раст на реалниот БДП од 2,2 отсто во 2017 година наспроти предвидувањата на сите релевантни домашни и меѓународни институции, Народната банка од 2,5, Светската банка од 2,8 или Европската комисија од 2,9 процента. Со ова ја покажуваме нашата намера да ја прекинеме праксата на преоптимистички макроекономски проекции како основа за повисоки планирани приходи и расходи. Нашата цел е реална и остварлива макроекономска проекција, која ќе биде најдобра основа за проекција на приходите и расходите – истакна министерот.

Најдобар пример за одземањето на комодитетот на носителите на власта е направен, според него, со расходите на Владата.

– Стоките и услугите на оваа институција се намалуваат од иницијално проектираните 792 милиона денари на 266 милиони денари. Тоа се средства што беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански организации. Сметаме дека ова е најдобар доказ за цврстата определба на новата влада за домаќинско работење со народните пари – истакна Тевдовски.

За активните политики и мерки за поддршка на вработувањето во приватниот сектор дополнително се алоцирани 112 милиони денари и тие ќе изнесуваат 667 милиони денари. За споредба, нивната реализација во 2016 година изнесува 366 милиони денари, а во 2015 година 376 милиони денари, напомна министерот.
Ребалансот предвидува и поддршка на малите и средните претпријатија и поддршка на домашни гринфилд-инвестиции од 135 милиони денари за до крајот на годинава, поддршка на домашниот туризам преку субвенционирање на работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари, решавање на материјалното обезбедување на стечајните работници, укинување на радиодифузната такса, поддршка за ИПА-проекти во износ од 500 милиони денари за буџетско учество и повлекување донации со цел да се обезбеди интензивирање на активностите поддржани од ЕУ во периодот на претпристапување, како и поголема искористеност на европските фондови.

Тој дополни дека се задржува оценката за просечна стапка на инфлација од 1 отсто, односно дефлатор на БДП од 1,4 процент.Првите ограничувања, како што потенцира Тевдовски, ќе бидат во делот на ненамирените долгови, кои заклучно со 31 мај 2017 година изнесуваат 22,4 милијарди денари или 364 милиони евра, а вторите се во делот на веќе склучените договори за тековни или идни проекти за чие евентуално раскинување државата ќе треба да плаќа пенали.

– Обврските на буџетските корисници и фондови, заедно со локалните установи, финансирани преку блок-дотации, изнесуваат шест милијарди денари. Долговите се најголеми во културата, дури 2,4 милијарди денари, а се должат пред сè на неплатените обврски за концертната сала на Филхармонијата, која беше помпезно отворена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП