Мешани сигнали за економскиот раст на Кина: додека индустриското производство и инвестициите се со повисоки растови од очекуваните во почетокот на годината, продажбата на мало е фрустрирачка. Како што објави Канцеларијата за статистика во Пекинг, производството во индустриските претпријатија го засилува темпото на почетокот на годината.
Во јануари и февруари расте со 6,3% во споредба со истиот период од минатата година. Во последните седум месеци индустриското производство се зголемува по 6 отсто. Позитивен тренд има и кај инвестициите. Во првите два месеци од годината тие се зголемуваат со 8,9%.
Разочарување сепак доаѓа од продажбата на мало, чиј раст се забавува во јануари и февруари до 9,5 отсто – најниска вредност од пред четири години. Експертите го оддаваат тоа на послабата продажба на автомобили која е со благо намалување поради намалените даночни субвенции. Поради кинеските новогодишни празници властите во земјата објавуваат секогаш податоци за два месеци во почетокот на годината.
За оваа година Владата планира раст од „околу 6,5 отсто“. Оваа намалена цел за втората по големина економија во светот беше заложена во годишниот извештај на премиерот Ли Кицијанг, кој се очекува да држи говор на крајот на годишната средба на Народниот конгрес во Пекинг. Тоа е најмал раст од 1990-та година – кризната година по крвавото задушување на движењето за демократија во 1989-та година. Во тоа време против Кина беа наметнати далекусежни санкции.
За минатата година целта беше „6,5 до 7 отсто“, а беше постигнат раст од 6,7 отсто. Сепак експертите предупредуваат дека економијата расте главно поради зголемувањето на кредитирањето, што доведува до зголемување на долгот. Додека во 2005-та година еден јуан на заем создаваше економско производство за еден јуан, денес вредноста на производството е само 0,4 јуани, покажува истражувањето на Европската стопанска комора од пред една недела.
Но премиерот има намера да продолжи со „проактивна“ фискална политика. Како што беше потврдено од новиот буџет, кој ќе треба да се прифати од 2900 делегати во „Големата сала на народот“, буџетскиот дефицит се очекува да се зголеми во однос на претходната година, со 200 милијарди јуани до 2,38 илјади милијарди јуани (околу 324 милијарди евра). Тој ќе продолжи да изнесува 3% од економскиот производ, што во принцип се смета за критичен праг. Се очекува трошоците да се зголемат за 6,5% – со половина процентен поен помалку од минатата година. Очекувањата за приходите се тие да се зголемат за 5%.