Американската банка „Citigroup“ најверојатно ќе го избере Франкфурт за своето ново европско седиште, соопштува „Ројтерс“ повикувајќи се на публикација во „Frankfurter Allegemeine Zeitung“. Преместувањето е дел од плановите на инвестициската банка по „Brexit“.
Одлуката ќе биде донесена во првата половина на 2017-та година, објаснија од банката пред германското издание. Оттаму потврдуваат дека Германија е еден од фаворитите.
„Citigroup“ веќе одлучи да ја префрли својата европска канцеларија од Лондон, откако Велика Британија ја напушти ЕУ. Тоа значи стотици работни места, кои ќе бидат преместени на континентот. За банката во британската престолнина работат над 9.000 лица.
На крајот на јануари од „Citigroup“ коментираа дека размислуваат за преместувањето од Лондон во алтернативен финансиски центар во ЕУ. Можните дестинации се Ирска, Италија, Шпанија, Франција, Германија или Холандија.