18 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со г. Глигор Цветанов, Извршен Директор на Макпрогрес ДОО Виница

Интервју со г. Глигор Цветанов, Извршен Директор на Макпрогрес ДОО Виница

gligor

Денар: Макпрогрес постои 26 години. Што е тоа што ја одржува компанијата, а што е тоа што ја движи напред?

Целосната посветеност на менаџментот и вработените кон развој, производство и дистрибуција на квалитетни прехранбени производи ја води компанијата Макпрогрес напред. Во сите години наназад Макпрогрес континуирано напредува, инвестира и гради. Брендовите и производите кои ги развиваме се одговор на потребите и барањата на потрошувачите.

Во 26 годишното постоење Макпрогрес преку континуирани инвестиции и висока стапка на раст стана една од најголемите прехранбени индустрии во Република Македонија и водечки извозник од прехранбената индустрија веќе три години по ред.  За да се биде успешен производител најважно e да се има конкурентен производ. Ова подразбира инвестирање во новите технологии за производство, силен тим за истражување и развој, одлично менаџиран производствен процес и висока продуктивност. Нашата политика е да се понуди квалитет за прифатлива цена и да се реагира брзо и соодветно спрема потребите на пазарот. Секако неопходно е сертифицирање на производните процеси според ISO, HACCP, Halal, IFS, Kosher стандардите кои ние ги имаме целосно имплементирано.

Денар: Макпрогрес е извозно ориентирана компанија. Како Макпрогрес се пробива на странските пазари? Каде се во светот може да се најдат прозиводите на Макпрогрес?

Нашиот главен двигател и потенцијален генератор на раст и понатаму ќе биде извозот. Со цел разгледување на можностите за извоз на производите на Макпрогрес на нови пазари, воспоставување соработка со нови компании и светски ланци на супермаркети низ светот, како и за собирање нови иновативни искуства и знаења за трендовите во производството на храна, се претставивме на најголемиот светски саем за храна “Сиал” кој се одржа од 16-20 октомври во Париз, Франција а на крајот на овој месец со свој штанд ќе се претставиме и на најголемиот саем во светот специјализиран за кондиторски производи ИСМ во Келн Германија.

Макпрогрес отсекогаш се охрабрувал на чекори и деловни предизвици кои возбудуваат и нудат пласман на пазари со економски текови сосема различни од локалните, на континуирани инвестиции кои значат создавање нови вредности. Токму со цел да бидеме блиску до светските трендови, и можностите за иновации, учествуваме на овие саеми, кои за нас како динамична компанија претставуваат одлична можност за нови искуства и знаења кои ќе ни помогнат во долгорочниот развој на нашата компанија.

Производите Винчини може да се најдат на полиците во маркетите во повеќе од 50 држави ширум светот на 5 континенти, дури до Малдивите, Гренланд, Австралија и Северна Америка.

Денар: Од широката палета на производи, дали имате лично омилени?

Јас и моето семејство сме поврзани со Макпрогрес и производите секојдневно. Освен на работа каде често имам можност да пробам и производи кои не се во редовно производство но се во фаза на развој, во домот ги користиме повеќето од производите. Појадокот обично се состои од овесни снегулки или мусли со тропско овошје од Натура со јогурт, кога сакам лесен и здрав ручек зелена или црвена леќа од Сончева Долина.

Како член на тимот кој ги креира производите на Макпрогрес мене сите производи ми се драги. Често поминувам низ периоди кога имам некој производ кој ми е омилен. Моментално такви се новите Триофино тортички и штрудлите од Винчини.

gligorrr

Денар: Макпрогрес е успешна приказна за еден семеен бизнис. Што Ве мотивира Вас лично и од каде доаѓа најголемата поддршка?

Предизвикот да се успее беше многу голем. Со прифаќањето на ризикот, оптимизам и многу упорност сите овие години успеавме од година во година работата да ја прошируваме, да воведуваме нови капацитети, побрзи и поголеми линии за производство. Дополнително ме мотивира благосостојбата на нашите вработени за кои освен своите редовни примања им обезбедуваме и екскурзии, тим билдинзи, разна забава и рекреација.

Најголемата поддршка доаѓа од семејството, а најмногу од мојот татко Александар со кој ги имаме поделено одговорностите но за многу нешта меѓусебно се консултираме и надополнуваме.

Денар: Макпрогрес е наградувана општествено одговорна компанија. На кој начин Макпрогрес придонесува за општествен развој и придобивки? Кои активности ги поддржавте неодамна?

Макпрогрес е проактивна општествено одговорна компанија која секојдневно поддржува и инвестира во многу проекти кои се во делот на севкупното живеење како спорт, култура, образование.

Во изминативе години Макпрогрес направи инвестиции во замената на погонското гориво кое го користи во производниот процес со преминување од екстра лесно масло на течен нафтен гас и со тоа драстично допринесе кон заштита на животната средина бидејки гасот е многу поеколошко гориво во однос на нафтата. Покрај ова направивме и низа мерки за подобрување на производството, намалување на празните одови, редуцирање на технолошкиот отпад и мерки за целосно рециклирање на амбалажите од хартија, метал и пластика.

Наградите кои на државно ниво ги имаме добиено ни се посебно драги и ја потврдуваат нашата заложба за општествена одговорност. Нашата стратегија таканаречена РРР односно Редуцирај, Рециклирај, Реупотребувај е долгогодишна континуирана програма која обезбедува Макпрогрес многу да го намали своето влијание врз животната средина.

Како најнов и мене драг проект е основањето на корпоративна компаниска библиотека која брои повеќе од 300 книги во сегментот на деловна литература, менаџмент, маркетинг, мотивациска и популарна психологија и слично. До оваа библиотека сите вработени имаат бесплатен пристап и во првите три месеци од нејзино основање согледувам дека е прав погодок.

Денар: Кој е следниот голем план на Макпрогрес?

Во август годинава, Макпрогрес Виница пушти во употреба нова линија за производство на наполитанки и вафли од брендот Винчини, инвестиција вредна 1.5 милиони евра. Со оваа инвестиција обезбедивме нови 30 вработувања и зголемување на извозните капацитети на компанијата.

Со овие бизнис одлуки се трудиме да бидеме двигателите на македонската економија, компанија која придонесува кон севкупниот развој на домашната економија и пример за останатите. Дополнително, за нас ова потрврдува дека со нови инвестиции и неуморно работење дури и во услови на криза може да се остварува амбициозна цел – до 2020 година да го зголемиме производниот капацитет двојно од оној во 2014. За исполнување на таа цел во нашата лабораторија за истражување и развој континуирано се работи на многу проекти. Постојано ја збогатуваме палетата на производи. Само оваа година лансиравме неколку иновации во категориите на кондиторски производи како и целосно нов бренд на производи кои уникатно ќе одговорат на желбите на потрошувачите на македонскиот пазари и низ светот.

Денар: Што е најнов производ и резултат на гореспоменатите инвестиции и вложувања?

Најново од Винчини е производот Триофино , меки трослојни тортички со вкус на лешник и кајсија. Триофино е практично спакуван десерт, произведен по рецепт на нашите слаткарски мајстори, од комбинација на природни состојки, без вештачки бои и додатоци.

Кога ја имате честа да бидете една од најголемите прехранбени индустрии на пазарот, инвестициите и новитетите во производството се императив во одржувањето на конкурентноста и имиџот на компанијата.

Кога пласираме нов производ, посветуваме особено време и внимание на дизајнот, практичноста на пакувањето, името на производот, и се разбира, на квалитетот. Тоа е нашиот начин на работа што не прави поразлични.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП