26 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОНашите ракометари подобри од Босна и Херцеговина

Нашите ракометари подобри од Босна и Херцеговина

kl

Македонската ракометна репрезентација ја совлада Босна и Херцеговина 28:24 во првиот од трите подготвителни натпревари. Овој меч се одигра пред полните трибини во СРЦ Кале, додека останатите два, кои на програмата се во среда и четврток, ќе бидат од затворен карактер.

Напорните подготовки кои Лино Червар со своите избраници ги спроведе во Маврово оставија трага врз репрезентативците, кои во текот на целиот меч против Босна и Херцеговина осцилираа во играта.

Македонија рано создаде висока предност, најпрвин 8:2, 12:4, а потоа 13:6, со поставата која веројатно ќе биде ударна во Франција (бекови Лазаров, Миркуловски, Талески, крила, Манасков и Георгиевски и пивот Стоилов), но по ветувачките 15 минути, избраниците на Червар му дозволија на противникот да се врати со серија од четири гола.

По слично сценарио се играше и во останатиот дел од натпреварот, Македонија најчесто ја имаше предноста од три до пет гола, но често му дозволуваше на противникот да прави серии, кои му овозможија неколку пати во вториот дел да се доближи на само два гола негатива.

„Прв натпревар по напорните подготвки. Мислам дека добро почнавме, игравме многу цврсто и тука направивме разлика, во тие моменти промашивме неколку зицери и пенали. Во текот на натпреварот многу менувавме, ние во записникот имавме 21 играч, сите добија можност да играат. Некои имаа добро издание, некои одиграа послабо. Сепак мислам дека бидејќи се работи за прв натпревар дека имаше добри работи, имаше и грешки и слабости, кои ќе ги анализираме. Но да не заборавиме дека игравме со 21 играч и дека сакавме да видиме, кој што може да направи. Вкупната оценка е солидна“, изјави по натпреварот македонскиот селектор Червар.

„Имавме добри и лоши моменти. Но бидејќи ова е прв натпревар треба да бидеме задоволни, треба да ги исправиме грешките, остануваат уште два дуели од затворен карактер, каде што ќе можеме да пробаме некои работи. Нашиот стручен штаб по овој натпревар има појасна слика. Во секој случај треба да бидеме позитивни. Треба добро да ги искористиме овие десет дена колку што останува до почетокот на СП. Јасно е дека имаме позитивни, но и негативни страни кои треба да ги отстраниме. Јас сум оптимист, иако ситуацијата е тешка, бидејќи прв пат одиме на едно натпреварување како аутсајдери.“, рече капитенот на репрезентацијата Кире Лазаров.

Македонската репрезентација ја предводеше Манасков со седум голови, по пет постигнаа Кире Лазаров и Стоилов, а три повратникот во репрезентацијата Миркуловски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП