26 април, 2024
ПочетнаНАЈНОВИ ВЕСТИСондата Rosetta ја заврши 12-годишната вселенска мисија

Сондата Rosetta ја заврши 12-годишната вселенска мисија

sonda333

Вселенската сонда Rosetta направи контролирано атерирање на кометата 67P или позната како Чурјумов-Герасименко, удирајќи во ледената површина, со што заврши нејзината дванаесетгодишна мисија за изучување на овој небесен објект, објави во текот на директниот пренос Центарот за контрола на мисијата во германскиот град Дармштад.

„Се случи контролиран судир на Rosetta со кометата 67P/Чурјумов-Герасименко“, се наведува во соопштението на Европската вселенска агенција (ESA) чие седиште е во Париз. „Можам да потврдам дека ова историско спуштање на Rosetta на кометата 67Р беше сосема успешно“, наведе во соопштението директорот на мисијата Патрик Мартен од ESA.

Потврда за ударот на сондата во кометата е исчезнувањето на радиосигналот кој го емитувала Rosetta, соопшти контролата на мисијата во Дармштад потврдувајќи дека го загубила контактот со леталото. Како и што беше планирано, сондата Rosetta го завршила својот век во 13,19 часот по македонско време.

Неколку часа пред планираниот удар, Rosetta испратила серија фотографии со висока резолуција и други податоци од кометата 67Р/Чурјумов-Герасименко. Научниците велат дека уште со децении ќе се занимаваат со податоците коишто сондата ги собираше за кометата оддалечена 700 милиони километри од Земјата.

Сондата Rosetta беше лансирана во март 2004 година од космодромот Куру со конкретна намера да ја изучи кометата. Името на вселенскиот апарат е дадено според Каменот од Розета со кој научниците во XIX век успеале да ги дешифрираат древните египетски хиероглифи. Во ESA полагаа големи надежи, нарекувајќи ја оваа мисија историско случување во истражувањето на Вселената.

По десетгодишното патување од Земјата, сондата Rosetta во август 2014 година започна да ги открива тајните на структурата, хемискиот состав и однесувањето на карпестата комета чијашто површина е прекриена со мраз.

Откако по дванаесет години лет низ Вселената, изминувајќи повеќе од 6,4 милијарди километри и неколкупати доближувајќи се до други вселенски тела, престана во петокот да емитува сигнали. Во 2008 година Rosetta испрати на Земјата снимки од астероидот Штејнс, а во 2010 година сондата го сними астероидот Лутеција, пред во 2014 година да стаса до своето крајно одредиште и досега остана во неговата орбита.

Rosetta собра важни податоци за 67Р, носејќи 11 научни инструменти со коишто ги собираше материјалите од кометата и фотографирајќи ја од сите агли. По влегувањето во орбитата на кометата 67Р/Чурјумов-Герасименко, Rosetta на нејзината површина го лансираше модулот Philae, кој самиот имаше десет високотехнолошки уреди , од камери и рентгентски зраци до дупчалка.

Заедно Rosetta и Philae, според научниците, повеќекратно го унапредиле нивното познавање за кометите, коишто ги има со милијарди и претставуваат своевидни остатоци од Сончевиот систем пред 4,6 милијарди години./

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП