Deutsche Telekom ќе започне со изградба на мобилната мрежа на петтата генерација во 2020 година, најави во среда на собрание на акционери извршниот директор Тим Хојтгес.
Компанијата ќе го базира својот овогодишен напредок врз акционерската структура, службата за поддршка на корисниците и проширување на мрежата, порача Хојтгес, додавајќи дека „мобилната мрежа на иднината“ ќе се базира на оптички кабли, но нејзините предности ќе го надминат широкопојасниот опфат.
„Мрежата на иднината има свое име и се вика 5Г(мрежа на петтата генерација). Преку неа ќе комуницираат луѓе и милијарди машини и сензори. Тоа е дигитална иднина. 5Г е нашиот одговор. Ќе започнеме со нејзина изградба во 2020 година, но веќе денеска започнуваме со подготовка“, порача извршниот директор на ДТ.
Напомна, исто така, дека објавата на резултатите од аукцијата на фреквенции за безжична телефонија во САД се очекуваат во втората половина на годината. Аукцијата инаку почна кон крајот на март, а ја сметаат за една од најамбициозните и најсложените во историјата на таквите постапки.
Аналитичарите досега проценуваа дека американскиот трезор од аукцијата би можел да биде побогат за 15 до 45 милијарди долари.
ДТ е сопственик на 65 отсто од Т-мобиле САД, трет по големина безжичен оператор во САД.
Од групацијата во среда најавија исплата на 10 отсто повисока дивиденда, од 55 евроценти по акција. На акционерите им сугерираат дивидендата да ја преземат во готовина или во акции.