22 мај, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕЗаболените од дијабетес живеат просечно три години помалку

Заболените од дијабетес живеат просечно три години помалку

dijabetes

Мажите и жените кои боледуваат од дијабетес, или ткн шеќерна болест, просечно живеат три години покусо и имаат помалку години од животот без инвалидитет од другите лица, покажа ново австралиско истражување, од кое резултатите се објавени во стручното списание Diabetologia.

„На повеќето лица со шеќерна болест познати им се вообичаените компликации кои ги погаѓаат видот, бубрезите, стапалата и кардиоваскуларниот систем, но ова истражување укажува на поинаков ефект од болеста, особено во поглед на годините од животот кои се минуваат без инвалидитет“, вели водачот на истражувањето Дијана Маљијано од институтот Baker IDI за срце и дијабетес на универзитетот Монаш во Мелбурн.

Врз основа на австралиските истражувања на шеќерната болест, податоците за инвалидитетот и националниот индекс на смртноста, научниците процениле дека 50-годишни мажи и жена со дијабетес можат просечно да проживеат уште 30 односно 34 години, односно околу три години помалку од мажи и жена кои не се заболени од дијабетес.

Под инвалидитет се подразбира најмалку една од 17 состојби во траење од најмалку шест месеци коишто ги ограничуваат секојдневните активности, како што се капење или станување од кревет.

Педесетгодишниците заболени од шеќерна болест можат да очекуваат просечно уште околу 13 години од животот без некој вид инвалидитет, што е осум или девет години помалку од лицата кои немаат шеќерна болест.

Научниците, исто така, проценуваат дека жените повозрасни од 50 години кои боледуваат од дијабетес ќе проживеат повеќе години од животот со инвалидитет од мажот кој боледува од шеќерната болест. Маљијано смета дека причината за тоа е што жените имаат просечно подолг животен век од мажите, како и дека кај нив почесто се јавува инвалидност поврзана со шеќерната болест.

Иако заболените од дијабетес денес живеат подолго отколку во минатото, оваа болест носи големи ризици од други здравствени проблеми, предупредува др Ед Грег од Центарот на контрола и превенција на болестите кој не бил вклучен во истражувањето. „Многу луѓе кои заболуваат од дијабетес управуваат со болеста задоволувачки и имаат ист животен век како секој друг“, вели Грег за Reuters.

„Дијабетесот го скусува животниот век со појавата на компликации како што се ретинопатија, болести на бубрезите и кардиоваскуларни болести. Веруваме дека развојот на тие компликации може да влијае на развојот на инвалидитетот, иако механизмите уште не се сосема јасни“, вели Маљијано.

Таа истакнува дека одржувањето на нормалното ниво на шеќер во крвта, крвниот притисок и маснотиите, се разумни чекори во зголемувањето на бројот „здрави“ години од животот, а друг важен фактор е телесната активност која докажано ја забавува болеста и би требало силно да им се препорачува и на повозрасните лица со шеќерна болест.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) бројот на возрасните лица заболени од шеќерна болест во светот четирикратно се зголемил во изминатите помалку од четири децении и денес во свето се заболени 422 милиони луѓе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП