Кинескиот технолошки гигант „Huawei Technologies“ објави дека неговиот нето профит се зголемил за 32% во минатата година, потпомогнат од брзо растечката продажба на смартфони и стабилната побарувачка на мрежна опрема од мобилните оператори кои ги обновуваат своите безжични мрежи.
„Huawei“ ужива брз раст на светскиот пазар на мобилни телефони, претворајќи се во третиот најголем производител на телефони според продажбата по „Samsung Electronics“ и „Apple“. Покрај тоа, компанијата е еден од лидерите на пазарот на мрежна опрема за безжични мрежи, заедно со шведската „Ericsson“ и финската „Nokia“.
Компанијата денеска објави дека минатата година нејзината нето добивка е зголемена до 36,9 милијарди јуани (5,7 милијарди долари) од 27,9 милијарди јуани во 2014-та година. Приходите се зголемија за 37% до 395 милијарди јуани од 288,2 милијарди јуани. Компанијата генерираше речиси 60% од своите приходи од странски пазари, главно во Европа, Блискиот Исток и Африка.
Искористувањето на растечките приходи, Huawei ги зголеми своите иневестиции во истражувања и развој. Тие се зголемиле за 46% до 59,6 милијарди јуани во минатата година, објави компанијата.
Во 2015-та година смартфоните и други кориснички уреди претставувале најбрзо растечки дел од бизнисот на „Huawei“. Приходи од овој бизнис се зголемија за 73% до 129,1 милијарди јуани, или речиси 20 милијарди долари. Компанијата објави дека нејзината продажбата расте не само во Кина, туку и на други пазари, како Европа и Блискиот Исток.
Растечкиот бизнис со кориснички уреди претставува една третина од вкупните приходи за минатата година, што е за околу 25% повеќе од 2014-та година.
Од компанијата најавија дека ќе продолжат да го прошират својот бизнис со смартфони надвор од Кина.
Минатата година „Huawei“ се рангираше на третото место на светскиот пазар на смартфони со пазарен удел од 7,4%, рангирајќи се по „Samsung“ (23%) и „Apple“ (16%), покажуваат податоците на „IDC“.
И покрај огромната ценовна конкуренција на пазарот на телефони, директорите на „Huawei“ тврдат дека бизнисот на компанијата со електроника е профитабилен.