„Газпром“ и лондонската гранка на „Bank of China“ денеска склучиле договор во Шангај за доделување на кредит во износ од 2 милијарди евра за период од пет години. Ова се наведува во соопштението на рускиот холдинг, цитирано од агенциите.
Од страната на „Газпром“ документот е потпишан од заменик-претседателот на Управниот одбор Андреј Круглов, а банката била претставувана од потпретседателот Вен Хуабин.
Во историјата на „Газпром“ тоа е најголемата зделка за финансирање привлечено директно од една кредитна организација и прв билатерален кредитен договор со кинеска банка, истакнуваат во соопштението.
Круглов разговарал со потпретседателот на „Bank of China“, Гао Инсин за изгледите за развој на соработката.
„Bank of China“ е голема меѓународна банкарска групација, чија дејност вклучува банкарски операции, инвестициска практика, услуги во областа на осигурувањето и лизинг.
Вкупната вредност на средствата на финансиската институција е над 16 илјади милијарди јуани, а нејзината мрежа од единици опфаќа 46 земји и региони во светот.
Во февруари заменик-претседателот на Управниот одбор на „Газпром“, Александар Медведев најави дека руската компанија е подготвена да ги извршува самостојно проектите за испорака на гас за Кина без привлекување на кинеско финансирање, потсетуваат агенциите.