Градежништвото во моментот е една од водечките стопански гранки, со најголем раст, и двигател на домашната економија, а со најавените владини инвестиции, особено во делот на инфраструктурата се очекува негово понатамошно зајакнување, сметаат од Стопанската комора.
Се очекува зголемување на бројот вработени не само во големите градежни компании, туку и во помалите кои најчесто се ангажирани како подизведувачи.
„Евидентно е дека создаваме кадар способен за изведба на големи инфраструктурни проекти што досега не беше случај. Компаниите веќе располагаат и со современа опрема, на многу високо техничко ниво. Поради најавените проекти, изградбата на автопатите Скопје – Блаце и Гостивар – Кичево, како и рехабилитацијата на патиштата Кочани – Делчево, Штип – Миладиновци, Куманово – бугарска граница,…, од кои дел се почнати, а други наскоро ќе стартуваат, очекуваме можеби и увезување работници од странство“, рече претседателот на Здружението на градежништвото Андреа Серафимовски, во понеделник на прес-конференција.
И покрај тоа што на земјава и претстои предизборен период, не се очекува намалување на градежните активности, а забележаниот негативен тренд на македонските градежни активности надвор се главно резултат на големата ангажираност дома.
„Идниот подем и зголемувањето на активностите кои особено се очекуваат годинава ќе донесе уште поголем развој на градежништвото. Особено радува фактот што домашните фирми реализираат комплексни проекти со сопствени ресурси“, рече Серафимовски.
Тој рече дека нема најави за поевтинување на градежните материјали.
Според последните статистички податоци, Марија Петроска од Стопанската комора рече дека градежништвото бележи раст во сите сегменти: ниско и високоградба, инфраструктура, изградба на станови. Зголемен е и уделот во БДП, од 4,9 отсто во 2008 година на 6,4 отсто во 2014 година. Годишно се градат по околу 5.500 до 6.000 станови, а многу малку од нив остануваат непродадени. Во првите три месеци од 2015 година градежништвото остварило 35,4 милиони денари што е пораст од 11,7 отсто во однос на 2014 година.
„Средните и големите компании во формирањето на БДП за градежништвото учествуваат со околу 90 отсто и вработуваат преку 75 проценти од вработените во секторот“, појасни Петроска.