26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПреполовен процентот на небезбедна храна во Македонија

Преполовен процентот на небезбедна храна во Македонија

Clean-Food

Процентот на небезбедна храна во Македонија е преполовен, од 5,3 отсто во 2008 година на 2,4 во 2011-та, беше речено на денешната трибина во Општина Гази Баба, што е дел од проектот „Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната“.

Според експертите, намален е и бројот на заразни заболувања што се пренесуваат преку храната, од 20.309 во 2008-ма на 14.210 во 2010-та.

Пестидицидите и нивните резидуи, бактериите, вирусите, микотоксините, тешките метали, нитратите, нитритите и диоксините се најчестите и најтоксичните загадувачи на храната. Потрошувачите треба да знаат какви се ефектите од нивното евентуално присуство и континуираниот внес, како правилно да манипулираат со производите, како да ги консумираат.

– Храната е примарен начин на експонирање на населението на дејството на пестицидите. Во секојдневната исхрана постои можност од појава на резидуи особено во овошјето и зеленчукот, во производите од животниско потекло па дури и во преработките. Остатоци од пестициди може да има и во водата за пиење. Тие имаат канцероген ефект, предизвикуваат хормонални нарушувања, стерилитет, намалена плодност, алергиски реакции, анемија, оштетувања на централниот или периферниот нервен систем, а се поврзуваат и со појава на болеста Паркинсон, предупреди прим. д-р Лидија Дамевска.

Одржување лична хигиена, миење раце, миење на зеленчукот и овошјето, на суровините пред подготовка на храната, чистење на приборот и просториите каде што се чува и преработува храната, читање на ознаките на производите, правилен избор при јадење надвор од дома, се само некои од препораките за заштита на потрошувачите во однос на правилната исхрана.

Ознаките на производите мора да се читаат, тие ги покажуваат потеклото, содржината, рокот на траење.

– Обврзно го проверуваме квалитетот на производот, дали она што е напишано на етикетите одговара на содржината. Досега не сме имале големи проблеми иако се случуваат секакви ситуации. Сепак, секогаш реагираме навремено и соодветно, се стопира секоја сомнителна пратка што не е соодветна за консумација, рече Воислав Димитровски од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Проектот „Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната“ го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство со финансиска поддршка на Јапонската организација за меѓународна соработка JICA. Засега, со него ќе бидат опфатени општините Гази Баба, Кисела Вода, Штип, Прилеп и Гостивар, а доколку се обезбедат дополнителни средства, активностите ќе се прошират и во други општини. Целна група се граѓаните потрошувачи од сите возрасти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП